Евроамбасадорот Дејвид Гир смета дека треба да се „избегнува сѐ што може да значи назадување на патот на земјата кон ЕУ“, во однос на иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за собирање потписи за задолжителен референдум за укинување на Договорот за добрососедство, пријателство и соработка со Бугарија.
– Важно е фокусот да биде на овој пристапен процес. Добрососедските односи се суштински дел од пристапниот процес и ЕУ неколку пати кажа дека Договорот со Бугарија, како и Преспанскиот договор со Грција мора да се имплементираат во добар дух од сите. Секоја иницијатива што би можела да значи назадување и со тоа да се попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би можело да се избегнува. Затоа да се фокусираме на клучното прашање, а тоа е самиот пристапен процес, рече Гир во интервју за емисијата „360 степени“ на Алсат Тв.