Маричиќ: Само едно прашање има смисла – дали сакате Северна Македонија да биде членка на ЕУ?

од Берта Китинска
262 прегледи

Прашањето за референдумот кое го предлага ВМРО-ДПМНЕ е врзано за договорот од 2017 година, договорот за добрососедство со Бугарија, за кој што исто како и за францускиот предлог во јули оваа година, ВМРО-ДПМНЕ немаше ни храброст а имаше можност да гласа против, туку и тогаш и сега ја напуштија собраниската сала, изјави во вечерашната Топ Тема, министерот за евроинтеграции во македонската влада, Бојан Маричиќ.

„Доколку навистина ВМРО-ДПМНЕ беше против францускиот предлог и против договорот со Бугарија, ќе гласаа против и за ратификацијата и сега. Зошто 5 години подоцна се отвора прашањето за референдум за договорот со Бугарија? Зошто не го отворија кога имаше референдум и за Преспанскиот договор? Или зошто пак сега не се отвори прашањето за референдум за Преспанскиот договор, кога го отвораат за Бугарија. Денеска ја слушнавме и изјавата на Мицкоски дека каков и да биде исходот од референдумот, тие ќе гласаат против. Зошто е тогаш референдумот, со каква цел?“ – изјави Маричиќ во Топ Тема.

Тој додава дека никому во владата не му било драго или пак го правел со задоволство компромисот кој беше направен со Бугарија, вели Маричиќ.

„Но мора да се водиме од државните интереси, од државнички пориви и желба да се однесе државата напред. Два ни се интересите: да си го зачуваме идентитот и јазикот и второто е да станеме членка на Европската Унија.“ – тврди министерот за евроинтеграции.

Според Маричиќ вистинското прашање на референдумот треба да биде дали граѓаните се за членство во Европската Унија. Бидејќи ние не ги поставуваме условите под кои ќе влеземе во ЕУ, тие се поставени на тој начин како што се, преговарачката рамка е усвоена, смета Маричиќ.

„Само еден референдум има смисла: дали сте за членство во ЕУ или не. Сите други прашање се заобиколување на единственото вистинско прашање. Во договорот со Бугарија не се уставните измени. ВМРО-ДПМНЕ на некој начин можеби и свесно ја двои агендата, на уставни измени со договорот со Бугарија“ – вели Маричиќ.

Слични содржини