Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи утрово се обрати на отворањето на втората конференција за глобално програмирање на Зелениот климатски фонд, која ќе се одржува од 13 до 15 септември во Инчеон, Република Кореја.
„Наша одговорност како Влади, не е само да подготвуваме политики и стратегии, туку во исто време и да развиваме и усвојуваме одржливи системи кои ќе се справуваат со климатските промени и другите предизвици за заштита на животната средина.Во текот на изминатите години Green Climate Fund (Зелениот климатски фонд) беше наш поддржувач и сојузник во различни проекти, преку кои реализиравме неколку активности за следење и рационализирање на климатските финансии, кои беа пилотирани и предложени како среднорочно решение, се додека не се обезбедат средства за клима во националните буџети.Веќе почнавме да работиме на создавање на поволна средина за вклучување на приватниот сектор во климатските инвестиции врз основа на приоритетните сектори во земјата. За да го поттикнеме токму ова, го започнавме процесот на акредитација на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), да биде првиот национален ентитет акредитиран од ЗКФ, преку кој ќе создадеме поголеми можности за развој и имплементација на проекти поврзани со климата и во исто време и ЗКФ финансирани проекти“, посочи Битиќи.
Тој напомена дека продлабочувањето на соработката со Зелениот климатски фонд е нешто за што нашата земја е подготвена во постигнувањето на поставените цели.
„Би сакал да му се заблагодарам на Зелениот климатски фонд за целата досегашна соработка и поддршка.Ова обраќање сакам да го завршам со новиот концепт што треба да се развие за заеднички да успееме – Треба да го напуштиме воспоставениот концепт на зависности и да се префрлиме во нова ера каде меѓузависноста ќе биде нашиот пат напред, и тоа ќе ја катализира климата на иновации: со инвестирање во нови технологии, деловни модели и практики“, кажа Битиќи.