По вчерашните разрешувања на двајца градски функционери од страна на градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска денеска преку Фејсбук, оставки си поднесоа директорите на две градски претпријатија.
Директорот на депонија Дрисла, Јане Мицевски си заминува од позицијата, појаснувајчи дека со градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, како што напиша, не се соработувало.
И В.д. директорот на ЈП „Градски паркинг“ – Бојан Христовски денеска на Фејсбук сподели дека се повлекува од раководната позиција во претпријатието.
„Денеска навршуваат точно 8 месеци од моето именување за вд директор во ЈП Градски паркинг Скопје. На 13 јануари, оваа година беше мојот прв работен ден во ова претпријатие, а денес е мојот последен ден на оваа позиција.
Влегов со план и визија, со посветеност, професионализам и со континуирана работна динамика, и сето тоа со цел да им овозможам на сите граѓани подеднаков третман и подобри услови за услугите кои ги пружа ова претпријатие.Но сепак морам да истакнам дека градот Скопје е комплексен систем на институционално управување во кои се испреплетени повеќе фактори. Тимската работа на градоначалникот и јавните претпријатија е неопходна, токму затоа нарушената координација е сериозна опасност за непречено функционирање на скопската локална самоуправа, а тоа е секако на штета на граѓаните. Дополнително вчера бевме сведоци на политичко-медиумска конструкција против директорот на едно јавно претпријатие и секретарот на град Скопје, при што без никакви факти и аргументи истите беа експресно „елиминирани“. Значи тоа се случува кога мерило за успехот не се резултатите, туку игрите кои се рефлексија на други поинакви интереси од колективните. Сето ова покажува дека многу малку или воопшто не се посветува внимание на она што беше ветено пред граѓаните за модерно Скопје, и јас како поединец и покрај бројните резултати за кус период не сакам да бидам дел од систем каде приоритет не се нашите цели и проекти, и каде нема поддршка од Градот ниту пак има нормална комуникација со градоначалникот. Затоа поради незаинтересираноста на првиот човек на градот за потребите на скопјани и градски паркинзи, како и поради драстично намалената поддршка на проектите кои со сопствени средства ги реалираме денес, поднесувам неотповиклива оставка од позицијата вд директор на ЈП Градски паркинг – Скопје.
Сметам дека успесите на Градски Паркинг постигнати во едни тешки околности се значајни да ги истакнам. Тие ќе беа уште поголеми доколку имаше целосна поддршка од Градот и градоначалничката. Во мојот живот борбата за принципите во кои верувам се поважни од функцијата. Влегов достоинствено, излегувам со чист образ. Нема да дозволам било кој, а најмалку луѓе кои имаат поинакви приоритети од тие поради кои се избрани од народот, и поради лични политички игри тоа да го извалкаат“.
Арсовска во петокот ги разреши од функциите секретарот на Град Скопје Ѓоко Велковски и в.д. директорот на ЈП „Водовод и канализација“ Златко Перински.