Навивач на Динамо Загреб се здобил со полесни убоди од нож во близина на стадионот Сан Сиро во пресрет на натпреварот од Лигата на шампионите меѓу Милан и Динамо, јавува италијанската новинска агенција АГИ.
Непосредно пред натпреварот, на кој присуствуваа околу 4.000 хрватски навивачи, 39-годишен навивач на Динамо бил избоден со нож во задникот, по што бил пренесен во болница.
Италијанската агенција Анса објави дека навивачот на „Модрите“ од Загреб бил нападнат од неидентификувани лица.
Според италијанските власти, повеќе од 40 хрватски навивачи биле однесени во полициски простории на „идентификување“. Дваесет и тројца се гонети за различни прекршоци, а на дваесет од нив им е изречена забрана за влез на стадионот.
Утрото по првите проверки на хрватските навивачи, полицијата запленила димни бомби, телескопска палка и неколку ножеви, јавува Анса.
На стадионот, каде хрватските навивачи се наоѓале на највисокиот од трите ката на северната трибина, веднаш под покривот, не се забележани инциденти.