Поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски повторно седна на обвинителната клупа во Основниот Кривичен суд – Скопје, со што продолжи судењето за случајот „Софтвери“.
На денешното рочиште беа изведувани докази коишто се однесуваат на анализите од вештачењето на трансакциите поврзани со јавните набавки извршени од првообвинетиот Рашковски.
Според вештакот Билјана Киселички, 6.455.816 денари биле уплатени на „Дигитал медиа лаб” за софтвер за определување просечна брзина, 4.168.050 денари биле уплатени на ГВЦ системи, додека 2.130.975 денари на Факултетот за информатичко општество.
За случајот за којшто му судат, Рашковски е првообвинет за набавка на софтвер за сообраќајни прекршоци преку фирмата „Инвока груп“, којшто софтвер Министерството за внатрешни работи со месеци не го користело, како и за оштетување на буџетот за 100 илјади евра со незаконито спроведување на јавна набавка. Патентот за софтверот е на Рашковски.
Освен Рашковски, во случајот за нелегална набавка на софтвер и за перење пари се обвинети уште и Маја Силјановска, Ивица Димитровски, Даниел Станчев, Ирена Ивановска, Игор Христов и Игор Ивановски.
Судскиот процес го води судијата Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Ивана Трајчева.
Рашковски лани помина во притвор неполни два месеци, но понуди гаранција од околу половина милион евра и беше пуштен во домашен притвор.