ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение ја праша власта каде е најавениот заем од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) од 900 милиони евра, за кој беше предвидена камата од 1%.
-Во април 2022 година, на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка (СБ) Министерот за финансии Фатмир Бесими помпезно најави дека Македонија добива препорака за пристап до кредитната линија за претпазливост и ликвидност на ММФ, ни помалку ни повеќе од 900 милиони евра за две години со камата од 1%.
Тимот од ММФ ја посети Македонија во јули, а после тоа нема ниту збор од Владата и од НБРМ за заемот. Како што би кажале од НБРМ, фактот што не го одобри ММФ заемот е потврда дека при последната мисија немало позитивни оцени и дека земјата има значителни ранливости во некои сегменти од политиките. Воедно, со ваквиот чекор ММФ не даде признание за успешноста на политиките во справувањето со кризата од пандемијата или дека се задржале здравите економски фундаменти. Јавниот долг експлодира, дефицитите се задржаа на високо ниво, а непродуктивните трошења се зголемија. Ако нашето судство не го слуша Државниот завод за ревизија кој установи злоупотреби на парите за ковид – мерките, тогаш веројатно ММФ го послушал. Со оваа криминална Власт, никој нема да ни позајми пари или пак скапо ќе се наплати, порачаа од „Белата палата“ преку соопштение.