Обилните дождови предизвикаа поплави и лизгање на земјиштето во најнаселената индиска држава Утар Прадеш, при што загинаа најмалку 12 лица, соопштија денеска властите.
Врнежите предизвикаа и прекини на електрична енергија, прекин на сообраќајот и оштетувања на стотици станбени згради, пренесува АП.
Училиштата беа затворени во Лакнау, главниот град на државата Утар Прадеш, каде што паднаа 35 милиметри дожд во изминатите 24 часа, соопштија властите.
Констатирано е дека во овој град рано утринава се урнал покрив и ѕид од трошна куќа, каде што спиеле работници, при што девет лица починале на лице место, а уште три се хоспитализирани со повреди.
Во Унау, град 40 километри југозападно од Лакнау, уште три лица загинаа кога се урна куќа по обилните врнежи, соопштија државните власти на Утар Прадеш.
Претходно овој месец, во јужниот град Бангалор, дводневниот пороен дожд предизвика голем сообраќаен метеж, прекин на електричната енергија и огромни поплави кои ги загрозија домовите и потопени патишта.
Монсунските дождови во Јужна Азија обично започнуваат во јуни. Но, оваа година, силните дождови ги погодија североисточна Индија и Бангладеш уште во март, предизвикувајќи поплави во април во Бангладеш.