Петровска потпиша Договорот за соработка со Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор

од Берта Китинска
152 прегледи

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и Марк Ремилар, главниот програмски менаџер во Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор – ДЦАФ на денешниот состанок во Министерството, го потпишаа Договорот за соработка кој предвидува спроведување на родова само-проценка во одбраната, процес кој ја унапреди родовата компонента во работењето на Министерството.

Оваа анализа ќе даде придонес во развојот на институционалната култура во обезбедувањето на еднакви можности за мажите и жените и ќе даде конкретни препораки во реализацијата на родовиот акциски план.

Министерката Петровска цврсто ја поддржа имплементацијата на проектот и порача дека Министерството и досега посветено работеше на прашања од родовата еднаквост и перспектива, при што во изминатиот период е направен голем прогрес.

„Родовата перспектива е во врвот на приоритетите на Министерството. Ние цврсто веруваме дека секоја личност, секоја индивидуа е витален дел од одбраната и убедени сме дека ставањето фокус на родовата компонента е единствениот начин како можеме нашиот целосен потенцијал да го ставиме во функција на државата и на граѓаните“, рече министерката.

Петровска изрази задоволство што денеска се потпишува овој Договор за соработка, кој ќе даде дополнителен интензитет во нашата заложба за целосна родова рамноправност.

Ремилар се заблагодари за покажаниот ентузијазам за соработка на ова поле и за професионалноста и посветеноста кон родовата рамноправност.

„Со прифаќањето на оваа иницијатива, вие поставувате позитивен пример за сите институции од безбедносниот сектор. Родовата само-проценка е исчекор кон зацврстување на родово-сензитивна и родово респонзивна институционална култура“, рече главниот програмски менаџер во ДЦАФ.

Слични содржини