На стотина вработени во Водовод и канализација не им се продолжени договорите за работа. Тие дојдоа пред градот Скопје барајќи објаснување од градоначалничката Арсовска, зошто од денес остануваат без работа.
Од Конфедерацијата на синдикални организации велат дека ова е реваншизам, а работникот е жртва на меѓупартиските кавги.
-Ние сме сериозни и апелираме до градоначалничката Данела Арсовска под итно да оствариме средба, доколку не оствариме, ќе ја блокирам улицата Илинденска и влезовите на Град Скопје со возила од цела Конфедерација, рече лидерот на КСОМ, Марјан Ристевски.
Тој посочи дека мора да се прекине праксата градоначалниците да го вперуваат прстот кон работниците.
-Замислете каква е атмосферата во нивните семејства. Тие работат шест месеци, имае некои од нив и подигнати кредити , може имаат и брзи кредити. Како родителот ќе се врати дома и детето ќе го праша: Зошто тато не работиш? Па сине, градоначалничката се скарала со некого, станала сабајлето нервозна и нема на кого, ќе го истура гневот над работниците, рече Ристевски.
Ристевски кажа дека не е точно дека овие луѓе ништо не работеле туку работат со фекалии.