Најактуелна тема во тенискиот свет и натаму е објавата на Роџер Федерер со која најави дека и официјално ќе се збогува од активното играње тенис на претстојниот Лејвер куп. По повод крајот на величествената кариера на 41-годишниот Швајцарец се огласи и еден од неговите најголеми ривали Новак Ѓоковиќ.
Српскиот тенисер изрази голема почит за сите достигнувања на Федерер со текст на социјалните мрежи, кој го придружуваше со бројни заеднички фотографии.
„Роџер, тешко е да се види овој ден и да се каже со зборови сето она што ние двајца го споделивме во овој спорт. Повеќе од една деценија имаме неверојатни моменти и битки за кои допрва треба да се зборува. Твојата кариера го постави стандардот за она што претставува брилијантност. Беше лидер со интегритет и сериозност. Чест ми е што те познавам, што поминавме време на теренот и надвор од него и се надевам дека така ќе биде уште многу години“, напиша Новак Ѓоковиќ.
„Знам дека новото поглавје од твојот живот носи нови големи нешта – тебе, Мирка, децата, оние што ги сакаш. Знам и дека сите фанови на Роџер имаат на што да се радуваат. Во име на моето семејство ти посакувам тебе и на твоето семејство радост, здравје и просперитет во иднина. Едвај чекам да ги прославиме твоите достигнувања, но и да се видиме во Лондон“, заклучи српскиот тенисер.
Ѓоковиќ и Федерер одиграа точно 50 натпревари – 27 пати Србинот, а 23 пати Швајцарецот.