Соочени со секојдневни и се подрастични покапувања, граѓаните остануваат неми пред застрашувачките податоци за двоцифрена инфлација, зголемени трошоци за живот и намален животен стандард.
Во вакви услови една просечна и една минимална плата не успеваат да ја покријат ни минималната синдикална потрошувачка кошничка која го пречекори износот од 48.000 денари ,предупредуваат од Синдикатот чии претставници за „Локално“,најавија нови активности во насока на ублажување на ценовните удари врз вработените.
„Во рамки на следниот социјален дијалог ќе бараме многу поголемо зголемување на платите, односно сума која што ќе може да им овозможи на граѓаните и работниците да ги покријат основните човекови потреби“, изјави за „Локално“, Иван Пешевски –претседател на Синдикатот на градежништво.
Според него, Владата мора да превземе одредени чекори, а како сугестија предлага ограничување на маржите и на акцизите.
„Работниците се борат за гола егзистенција, да го преживеат месецот, и затоа велам дека веќе не се бориме за работнички, туку за човекови права’’, категоричен е Пешевски.
Посочува дека луѓето во Македонија се се поисплашени за својата, но и за иднината на семејствата, а нашата држава како членка на НАТО сојузот во кој членуваат земји со развиени синдикални организации мора да направи се за да го засили социјалниот дијалог.
Се погласни во искажувањето на стравувањата во однос на тоа дали и како ќе го преживеат месецот се и пензионерите. Основен аргумент им се исклучително ниските пензии кои ги добиваат најголемиот дел од нив.
Податоците покажуваат дека од 330.000 пензионери колку што изнесува нивниот вкупен број, 92.300 имаат пензија до 11.500 денари.Од 11.500 до 18.000 денари имаат уште 135. 860 пензионери.
„Ова значи дека од вкупно 330.00 пензионери дури 228.000 се соочуваат со сиромаштија, односно 69% од пензионерите се на раб на егзистенција. Што можат да купат со тие пари, сигурно не можат да преживеат ни 20 дена’’, изјави за „Локално“, Драги Аргировски, поранешен претседател на Сојузот на здруженија на пензионерите и експерт за “Трето доба”. Предупредува дека речиси ништо нема да се смени ни со септемвриското зголемување на пензиите од 6,8 отсто, или барем не за оние со мали пензии.
Во оваа насока укажува дека пензионерите со најниски пензии од 10.276 денари сега ќе добијат зголемување од само 699 денари. Значи сега ќе имаат 10.975 денари.
“Што можат да направат со овие пари во ситуација кога мораат да ги подмират сите сметки и да купат храна? Да не зборувам за лекарства кои се и така скапи’’, прашува Аргировски.
Од друга страна, објаснува дека овојпат најмногу ќе се “офајдат’’ пензионерите коишто имаат максимална пензија од 60.294 бидејќи ќе добијат зголемување од 4.100 денари, односно сега највисоката пензија ќе биде 64.394 денари. На овој начин, околку шест пати повеќе ќе добијат пензионерите со најголема пензија во споредба со оние со најниска. За Аргировски, ова е несфлатливо бидејќи според сите норми на социјална држава, најмногу треба да бидат потпомогнати оние со пониски пензии.
“Затоа е многу важно Сојузот на пензионери, но и воопшто државата да сфатат дека е неопходно да се предвиди одреден пакет мерки за овие категории пензионери. Подеднакво важно е зголемувањето на пензиите да биде скалесто бидејќи на овој начин јазот меѓу највисоката и најниската пензија се зголемува, и тоа во период кога поради дивеењето на цените растот на животните трошоци ги погодува сите’’, вели Аргировски.
Според него, скалестото покачување треба да биде според следниот принцип: 20 одсто да биде за пензионерите со најниска пензија, за оние до 20.000 да биде 15 одсто, и 10 одсто да биде за оние кои имаат пензија повисока од 30.000 денари.
Изминатата недела Државниот завод за статистика излезе со податоци според кои трошоците за живот се покачени за речиси 17 % . Овој август, во споредба со претходниот граѓаните само за храна издвојувале за 25,9 % повеќе средства, лебот и житата се поскапи за 44,1 %, месото за 23,3 %, млекото, сирењето и јајцата се поскапи за 26,9%, маслото и мастите за 46,7 %, електричната енергија за 20,2%, гасот е поскап за дури 43,3 %, топлинската енергија за 30,1 %….
К.В.С