Трисет години германско-македонска соработка, учење едни од други, градење мостови меѓу нашите земји и нивните луѓе. Многубројните проекти се доказ за оваа соработка. Целта беше и целта е земјата да се движи напред на својот пат кон целосна евроатлантска интеграција, да има одржлив развој за подобар живот на луѓето во хармонија со природата и животната средина, истакна амбасадорката на Германија Анке Холштајн во обраќањето на прославата по повод три децении соработка меѓу Германија и Северна Македонија што се одржува попладнево кај Школа во Градскиот парк.
Проектите, како што посочи, се спроведени од различни германски учесници вклучително и од амбасадата во најтесна координација и соработка со партнери во Северна Македонија на кои срдечно им благодариме за тоа.
„Седум од германските учесници се присутни денеска за да можете подобро да ги запознаете. ГЕТЕ институт се залага за културна размена – преку музиката, филмот и уметноста, и се разбира за работата со нашиот тежок германски јазик. Германската служба за академска размена се грижи за размена во областа на образованието и студиските програми. Делегацијата на германското стопанство ги поддржува германските фирми во Северна Македонија и македонските фирми кои се активни или сакаат да бидат активни во Германија и одржува широка мрежа. Нашите политички фондации „Корад Аденауер” и „Фридрих Еберт” се грижат за политичкото образование и почитување на демократијата“, рече Холштајн.
Кредитната банка за обнова КфВ, додаде германската амбасадорка, поддржува финансиски проекти за одржлив развој пред се во областа на животната средина и енергијата. Друштвото за меѓународна соработка ГИЗ, пак, поддржува, планира и финансира разни проекти ориентирани кон иднината. ГИЗ ја спроведува Програмата за супер училишта во регионот кои на учениците од регионот им овозможува да се сретнат, да ги разбијат предрасудите и да создаваат пријателства и соживот во регионот, кажа Холштајн.
Одбележувањето на „30 години германско-македонска соработка” што го организира Амбасадата на Гаерманија е придружено со културна програма и забавни активности во Градскиот парк во Скопје.