Колку контраофанзивата на украинските сили на отпорот ќе претставува целосна пресвртница или не во војната, ќе треба да почекаме. Само за да е појасно, официјално Украина ослободи некаде околу 3000 км 2 што во пракса или перспектива е територија од 50км на 60 км. За да биде појасно тоа е територија слична на територијата помеѓу Скопје и Велес. Е сега ако тоа го ставите во проценти што е ослободено од територијата која е под окупација, доаѓа некаде помалку од 3-4%. Сепак, контра-офанзивата трае и барем засега има капацитет да биде сериозен индикатор за тоа дека може да предизвика пресвртница особено што Русија направи неколку кардинални грешки, или пак едноставно толку можеше во оваа фаза. Велам во оваа фаза бидејќи во Русија официјално се уште нема мобилизација, вели професорот по безбедност, Методи Хаџи Јанев за „Локално“ во однос на последниот развој на настаните во руско-украинскиот конфликт.
Според него, слободно може да се каже дека контра-офанзивата претставува оперативно ремек дело кое во себе содржи пример на изненадување и оперативен маневар кој не е виден од времето на Заливската војна.
-Измамата која украинските стратези ја направија со маневарот на релација Керсон -Харков ќе се изучува во сите школи. Точно е и тоа дека оние проценти кои ги споменав веќе се прошируваат и на пример украинските сили на отпорот, успеале да извршат насилен премин на река и да ја запоседнат линијата на источните брегови на реките Донетск и Оскил. Дополнително силите од вчера се во градот Јарова, кој со оглед на моменталната комуникација и терен го отвора патот кон позициите на Лиман. Дали и како овие ударни сили ќе успеат да го задржат темпото ќе видиме. Едно е јасно дека ним веќе им треба замена, бидејќи веќе неколку кратно го имаат надминато периодот на борбен стрес, во кој може да дадат максимум резултати, истакнува професорот.
Во однос на тоа кој е следниот потег на руските сили и дали целата „специјална воена операција“ ќе се насочи кон зачувување на Донбас, Хаџи-Јанев нема да е изненаден да се случи и тоа.
-Русија до сега веќе ја смени крајната цел, со цел да го зачува моралот, но и наративот, а со тоа и перцепцијата на домашно тло. Не заборавајте специјалната воена операција, како што ја нарекуваат, имаше друга почетна цел – смена на водството во Киев и демилитаризација на Украина. Тие условно до почетокот на контраофанзивата се обидоа да ја демилитаризираат Украина, преку исцедување со казнување-оперативен термин кој се користи да ја опише доктрината на руските окупаторски сили во Украина. Овој начин е доста скап, со голем број на жртви и материјална штета. Сепак, од последните операции на украинските сили на отпорот не можам да добијам доем дека повлекувањето било планиран потег. Постојат некои размислувања дека процесот е планиран и намерно со цел да се извлечат украинските сили или да се навлечат да влезат во т.н. „џеб“, – значи оперативен маневар на ретроградна операција со цел да паднат во опкружување или да бидат изложени на артилериски оган како дел од целата доктрина на исцедување и одрекување со казнување, ама сето тоа е многу лабаво, анализира професорот на Воената академија во Скопје за „Локално“.
Хаџи-Јанев додава и дека индикаторите од терен се сосема поинакви.
– Кога се организираат вакви операции не ја оставате опремата. По она што може да се види од социјалните мрежи – не од медиумски куќи за да избегнеме претпоставака дека е западна пропагнда, е јасно дека сега Русија, а не Западот е најголем донор на оружје и опрема на Украина. Следно цели бригади и полкови на руската армија престанаа да постојат. Лично не можам да го купам тој аргумент. Но, мора да сме претпазливи бидејќи изненадувањето за време на војната ги прави сите претпоставки – мајка на лошите заклучоци. Од Руска страна официјално остануваат на првичниот став дека целите нема да се променат-значи демилитаризација на Украина-што тоа и да значи во овие услови, посочува Хаџи-Јанев.
За тоа дали претседателот Путин и руските силе ги остварија своите цели во последниве 7 месеци, колку што трае инвазијата, професорот е на мислење дека дури и да оствариле оперативна цел, стратешки Русија ослабнала.
– Прво, го засили и окуражи западот. Второ им помогна на централно-источните европски земји, на балтичките и на северно-европските земји да го надминат виртуелниот страв од Русија. Полска станува супер сила на истокот. Второ, англо-саксонската доминација на војувањето, барем засега е на победничката страна и тоа без директен конфликт. Факт е дека постојат стравувања за одмазда од страна на Русија но изгледите се мали. Од друга страна за Русија и големината на руската армија е се уште рано да можеме целосно да заклучиме дека работите се завршени. Она што можам да кажам дека ќе имаме тепка зима со голем број изненадувања, завршува проф. Хаџи-Јанев.
В.З.