„Времето ќе покаже дали градот ќе трпи“: ВМРО-ДПМНЕ се дистанцира од Арсовска

од Берта Китинска
281 прегледи

Од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека целосно се оградуваат од однесувањето на градоначалничката Данела Арсовска. Градоначалниците од оваа партија нема да присуствуваат на нејзините настани.
„Поради криминогените договори и неисполнувањето на ветувањата на Арсовска, ВМРО-ДПМНЕ во целина се оградува од нејзиното однесување и градоначалниците од партијата нема да учествуваат на нејзини настани“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Кавгата која што ескалираше изминативе денови на релација Арсовска – ВМРО-ДПМНЕ би можела да се одрази и врз работата на Советот на Град Скопје.

„Што се однесува до нас ние ќе сториме сѐ што е во наша моќ за да продолжиме да испорачуваме проекти во интерес на градот и граѓаните. Дали ќе биде подобро, дали Градот ќе трпи или ќе биде полошо, тоа во секој случај времето пред нас ќе го покаже. Оваа е многу комплицирана ситуација и не би сакала да навлегувам во политички пресметки. Не ме интересира политика. За мене единствен интерес е интересот на граѓаните. Што се однесува до политичките чинители во државата и во која мера тие ќе се одлучат да ги поддржат овие проекти оставам на нивната совест“, рече Арсовска.

Судирот меѓу ВМРО и Арсовска уследи по разрешувањето на директорот на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, по што следија оставки од кадрите на ВМРО-ДПМНЕ од другите јавни претпријатија во Градот. По сите овие случувања, по скопските улици беа забележани билборди со зборовите кои Арсовска ги кажа во градскиот совет упатени до Мицкоски. Арсовска вели дека десетиците билборди со фотографии од Христијан Мицкоски не ги нарачала таа.

Слични содржини