ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да ја урива оваа Влада се до организирање предвремени парламентарни избори, кажа денска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
За тоа дали опозициската партија ќе ја поддржи иницијативата на Левица, рече дека „играта на поднесување иницијативи можеме да ја играме до бескрај“, но дека е направен преседан со иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за што претседателот на Собранието еден ден ќе одговара.
-Но видовте ние поднесовме иницијатива која е согласно законот и Уставот. Еден човек во Парламентот се става над сите закони и над Уставот и креира преседан. Тој преседан многу скоро од денеска ќе стане пракса, а за да не стане пракса треба тој што го креирал тој преседан да одговара. И ќе одговара еден ден, бидејќи тој нема да биде вечно на тоа место, неговата партија нема да мести судии и обвинители, ќе биде многу скоро во опозиција и за неговите постапки тој човек ќе одговара, рече Мицкоски.