Ќе застанеме против руската агресија во Украина, порача Бајден од ОН

од Nikola Popovski
154 прегледи

Американскиот претседател Џозеф Бајден денеска во својот говор на Генералната дебата на почетокот на годишната сесија на Генералното собрание на ОН рече дека Русија „бесрамно ги прекршила основните принципи“ на Повелбата на Обединетите нации со својата „брутална, непотребна војна“ во Украина.

Американскиот претседател остро ја осуди руската инвазија стара седум месеци и рече дека „крвта му лади“ пред извештаите за руските злосторства врз цивилите во Украина. Тој ги повика земјите во светот цврсто да застанат во поддршка на украинскиот отпор.

Тој рече дека денешните нови нуклеарни закани на рускиот претседател Владимир Путин кон Европа покажуваат „непромислено непочитување“ на одговорностите на неговата земја како потписничка на Договорот за неширење на нуклеарното оружје.

Тој ја критикуваше Русија за закажување, како што рече, „лажни референдуми“ оваа недела на територијата што насилно ја одзеде од Украина.

„Постојана членка на Советот за безбедност на ОН го нападна својот сосед, се обиде да избрише суверена држава од картата. Русија бесрамно ги прекрши основните принципи на Повелбата на ОН“, рече Бајден од говорницата на ОН.

„Солидарно ќе застанеме против руската агресија. Точка!“, рече Бајден.

Бајден оцени и дека е дојдено време за реформирање на Советот за безбедност на ОН, кој често е блокиран со користењето на правото на вето што го имаат постојаните членови на тоа тело, вклучително и Русија.

Тој повика на зголемување на бројот на постојани и непостојани членки на тоа тело на ОН за да можат да бидат претставени и земјите од Африка, Латинска Америка и Карибите.

Советот за безбедност има пет постојани членки: САД, Русија, Франција, Велика Британија и Кина.

Во обид да ги собере сојузниците да бидат цврсти во поддршката на украинскиот отпор, американскиот претседател посочи дека руската „гола агресија“ во Украина е навреда за суштината на светската организација.

Бајден имаше помирувачки зборови за неговиот голем ривал, Кина.

„Да бидам многу директен. САД не бараат конфликт. САД не бараат студена војна“ со Кина, рече Бајден и повтори дека позицијата на САД за спорното прашање на Тајван не е променета.

По денешната закана на Путин дека ќе употреби нуклеарно оружје, Бајден, нарекувајќи ги тие зборови многу „опасни“, рече: „Невозможно е да се добие нуклеарна војна и не треба да се води“.

Тој потврди дека САД ќе продолжат да бидат посветени на контролата и неширењето на нуклеарното оружје.

Тој рече дека САД нема да дозволат Иран да добие нуклеарно оружје, нагласувајќи дека тоа сака да го избегне преку дипломатски средства.

Бајден рече дека САД се со храбрите граѓани и храбрите жени на Иран кои демонстрираат за да ги бранат своите најосновни права.

Својот говор го заврши со повик до присутните: „Ајде уште еднаш заедно и недвосмислено да прокламираме дека земјите во светот се уште се обединети!“.

„Ние не сме пасивни сведоци на историјата, ние сме креатори на историјата и можеме да ја оствариме“, рече Бајден во оптимистичкиот крај на говорот.

За време на неговиот престој во ОН, Бајден планира да се сретне со британската премиерка Лиз Трас и да ги притисне сојузниците да ја исполнат целта да издвојат 18 милијарди долари за надополнување на Глобалниот фонд за борба против СИДА, туберкулоза и маларија.

Бајден вети 2,9 милијарди долари помош за глобалната безбедност на храната потребна за да се компензира недостигот предизвикан од руската инвазија на Украина и влијанието на климатските промени.

Слични содржини