„Мицкоски е политички потрошен“, повторен обид за смена на лидерот на ВМРО-ДПМЕ

од Берта Китинска
222 прегледи

Христијан Мицкоски е политички потрошен и треба да си замине од лидерската позиција во ВМРО-ДПМЕ, истакна членот на партијата и поранешен министер за внатрешни работи, Оливер Андонов, кој на прес-конференција пред партиското седиште објави дејствување на фракција во ВМРО-ДПМНЕ.

„Ова е јавен и отворен повик до Мицкоски да си даде оставка и со тоа да го отвори патот да се извршат неопходните промени во ВМРО-ДПМНЕ. Напоменувам, не се работи за паралелна структура во ВМРО-ДПМНЕ, не се работи за нова политичка партија, не се работи за нова политичка структура во смисла на паралелизам, туку за членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои и понатаму ги повикуваат другите членови на партијата да дејствуваме како политичка фракција внатре во партијата со единствена цел – демократизација и ревитализација на партијата, чиј прв чекор е оставка на Мицкоски“, истакна Андонов.

Основната политичка цел на фракцијата, покрај оставката на Мицкоски, кој, како што рече, е потрошен политички, е и повик до членството за организација на избори за нов претседател на партијата.

Според Андонов, фракцијата е поддржана од ветерани, основачи на ВМРО-ДПМНЕ, обични членови, од некогашни функционери на партијата, но и од луѓе во актуелното раководство. Тој објасни дека оваа иницијатива не е поврзана со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

За расколот и внатрешните кавги, судири и расправии за рацете во медот ВМРО-ДПМНЕ да не ја меша СДСМ, велат од владејачката партија откако поранешниот заменик-министер за внатрешни работи Оливер Андонов соопшти дека е формирана „Фракција за демократско ревитализирање на ВМРО-ДПМНЕ“, со цел смена на лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски.

Според СДСМ, „Белата палата е единствената адреса а Христијан Мицкоски е единствениот повикан за сите проблеми коишто ги има ВМРО-ДПМНЕ“.

-Самите се фатија со рацете во медот и се скараа за тендер од 136 милиони евра. Самите даваат различни изјави од Мицкоски за промена на Уставот и против референдум. Самите велат дека Мицкоски бил потрошен и треба да си даде оставка, посочуваат од СДСМ и додаваат дека во ВМРО-ДПМНЕ има бројни внатрешни проблеми кои треба да си ги решава.

Андонов денеска на прес-конференција пред седиштето на партијата изјави дека Мицкоски е во потполност истрошен политички.

„Партијата која на почетокот на создавањето беше симбол за демократска партија, пак да се врати како нормална демократска партија, а не како симбол на политичка декаденција. Жалам што ова го прават од партијата, незнам и која песна ќе ни ја пуштат, им благодарам што ја разубавуваат прес-конференцијата. Ова е повик до членството да се обединеме, ова не е нова политичка структура или паралелизам. Зошто сега, зашто се исполнети сите услови за тоа. Тоа го бара членството, не е ова моја лична желба“, рече Андонов кој додека говореше во позадина од прес-центарот, од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се слушаше музика.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека иницијативата на Андонов е толку безнадежна и безначајна што не вреди посебен коментар.

-Му посакуваме среќа и немаме што друго да додадеме.Прашањето на национален консензус е следниот драматичен пораз на политиките на Заев и Ковачевски, по што новата влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја преземе одговорноста да ја врати Македонија на патот на пристојноста, чесноста и подобриот живот за сите, велат од опозицијата, соопштија од „Белата палата“.

Досега имало неколку обиди за фракции во ВМРО ДПМНЕ, но најчесто резултираа со формирање на нови партии, како Народна, Вистинска, Обединети и Фродем. Со фракциско делување имаше обид да се спречи и конгресот пред пет години, на кој за првпат беше избран Мицкоски, а пропадна и обидот на неколкумината поранешни функционери, кои се обидуваа да ја реформираат партијата.

Слични содржини