Петровска за членството во НАТО: Секоја педа од нашата земја е под заштита на колективната одбрана

од Берта Китинска
137 прегледи

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска во Охрид одржа предавање на Школата за политики, дел од Претседателскиот центар за политичко образование, на тема „Актуелните безбедносни предизвици и перспективи од членството во НАТО во време на војна во Украина“, на кое се осврна на придобивките за Северна Македонија од членството во НАТО, како и хибридните и сајбер заканите, вклучувајќи ги и дезинформациите како безбедносна закана.

„Најголемата придобивка од членството на Северна Македонија во НАТО е сигурноста и безбедноста што нашите граѓани денеска ја чувствуваат, знаејќи дека се дел од едно големо семејство кое се грижи за заедничката, колективната безбедност. Секоја педа од нашата земја е под заштита на колективната одбрана и тоа носи сигурна и просперитетна иднина“, рече министерката и потенцираше дека тоа е резултат на храбри и тешки, но исправни одлуки.

Оваа година, истакна Петровска, ја покажа суровата реалност дека војната на европско тло не е минато и дека мирот не е загарантиран. Затоа, развојот на одбранбените капацитети е неопходност, а градењето на отпорност мора да биде наш приоритет во континуитет.

Министерката Петровска во предавањето се осврна и на хибридните и сајбер закани за кои рече дека се сè посериозна закана за сите развиени општества, а ги спомена и зголемениот број сајбер напади врз државните институции, невладините организации и централните банки, соопшти Министерството за одбрана.

Дезинформациите, порача министерката, имаат потенцијал да ја поткопаат општествената кохезија и да создадат поделби и ослабување на земјите однатре и затоа потребно е да работиме на развој и имплементација на политички и неполитички алатки со кои ќе се спротивставиме на овие штетни појави.

Во едночасовната дискусија со триесетината млади професионалци, активни учесници во општествениот и политичкиот живот во државата, министерката одговори на голем број прашања за регионалната безбедност, модернизацијата и опремувањето на Армијата.

Слични содржини