Стефковски бара Арсовска да ги исполни ветувањата што ги дала

од Берта Китинска
214 прегледи

Јас бев еден од првите градоначалници што на своја кожа народски кажано го почувствува она што провејуваше изминатиов период во јавноста дека имаме недоволна и ниско ниво на комуникација помеѓу локалните самоуправи со Градот Скопје, истакна Бобан Стефковски, градоначалник на Општина Гази Баба на Алфа телевизија.

-Искрено јас како градоначалник и како еден од лицата што заедно со неа одевме во кампања и ја баравме довербата од граѓаните ветувајќи ги сите овие проекти, секој проект што е од интерес на граѓаните, а се однесува на Општина Гази Баба јавно ќе го поддржам и ќе го пофалам, меѓутоа чекаме од Градот Скопје да се вклучи со поголема динамика во реализација на други проекти кои што заедно ги имаме ветено, а се од директна надлежност на Градот Скопје. Знаеме дека во општина Гази Баба владее сообраќаен хаос, кој што е еден од главните проблеми на урбаните населени места, тука во самата програма на Градот Скопје има реализација на неколку капитални проекти и се надевам дека во наредниот период ќе се изнајде решение за тие проекти, рече градоначалникот.

Тој посочи дека тука е и пробивање на булеварот „Хрватска“ кој што е од исклучително значење за растеретување на сообраќајот на потегот Железара, Автокоманда, Керамидница со Центар и со останатиот дел на општините. И се надева дека Градот Скопје ова ветување ќе го исполни на граѓаните на општина Гази Баба.

„Исто така се надевам дека Градот Скопје ќе го реши проблемот со проширување на булеварот „Александар Македонски“ со уште една лента. Исто така има ветување за изградба на натпатник со приклучоци кон новата населба Хиподром 2 и кон населеното место Инџиково. Тоа е проект кој што е од исклучително значење за жителите во тој дел на Гази Баба, и со тоа апелирам да се започне со тој проект. И нормално во руралните населени места изминатиов период имавме проблем со сообраќајот односно со автобускиот превоз на ЈСП, и изминатите неколку месеци имаме неколку населени места што се комплетно отсечени од јавен превоз“, нагласи Стефковски.

Градоначалникот напомена дека има доста голем проблем и со кучињата скитници, и апелира до Градот Скопје да излезе со конкретен план со цел го реши овој проблем.

„Сите проекти кои што ќе се реализираат во интерес на граѓаните нормално дека ние како градоначалници ќе ги поддржиме, ќе ги поздравиме“, укажа Стефковски.

Слични содржини