Арсовска со реакција до премиерот: Градот Скопје никогаш немал лиценца за управување со парното

од Берта Китинска
223 прегледи

Откако премиерот Димитар Ковачевски порача „ВМРО-ДПМНЕ да се занимаваше со проблемите на граѓаните наместо со тендери, Град Скопје ќе ја преземеше обврската и управувањето со парното на скопјани“, со своја рекација излезе градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

„Жалам што морам уште еднаш да ја констатирам неспособноста на Владата за справување со предизвиците од енергетската криза, а со кои се соочуваат и скопјани.Она што уште повеќе загрижува е неинформираноста на институциите за сопствените ингеренции кога станува збор за системот за снабдување со топлинска енергија односно парно греење.Колку за потсетување, уште на 10.01.2022 година премиерот Ковачевски се пофали дека Владата нема да дозволи граѓаните на Скопје да останат без греење, за сега на веќе започната грејна сезона, наместо функционално решение, граѓаните да се соочуваат со ладни радијатори.Ширењето невистини и манипулирањето на граѓаните нема да ја реши економската и енергетска криза. Напротив, премиерот Ковачевски би требало итно да се зафати со решавање на овие проблеми, наместо да шета од медиум на медиум и да пласира невистини“, вели таа.

Во својата рекација Арсовска потсетува дека Владата е таа која има дадено повеќегодишна концесија на БЕГ при што секако обврска и одговорност на Владата е да се справи и со последиците кои произлегуваат од таа концесија.

„Согласно член 38 од Законот за енергетика вршителите на енергетските дејности се лица кои поседуваат лиценца од Регулаторната комисија за енергетика која се издава за период од три до 35 години во зависност од видот на енергетската дејност, видот и обемот на обврската за обезбедување јавна услуга во вршењето на енергетската дејност, обемот на средствата потребни за извршување на енергетската дејност, времетраењето на правото за користење на соодветниот енергетски ресурс.Град Скопје во ниту еден момент не бил носител на лиценца, напротив до енергетската криза на сите Влади очигледно им одговарало енергетските ресурси со кои се произведува, дистрибуира и снабдува со енергија, да бидат во рацете на приватници наместо да се третираат како национални ресурси кои се од исклучителен јавен интерес.Владата кога беа милионски профитите на приватните компании кои раководеа со топловодната енергетска мрежа одбиваше таа да биде одземена од истите и да претставува национален ресурс, за сега да бара виновник за сопствените одлуки“, појаснува градоначалничката додвајаќи дека:

„Обидите за префрлање на вина од оној кој не преземал соодветни мерки за амортизирање на ценовниот шок во кризава е дегутантно и непотребно, бидејќи ако се реагираше на време со мерки, како што тоа го направија владите на другите држави, сега немаше да има толку големи проблеми. Поради континуирано задоцнетите мерки сите плаќаме поскапа електрична енергија, парно, нафтени деривати“.

Ковачевски во интервју за МТВ предходно напомена дека „таа обврска мораше да ја преземе Владата“.

„Парното во Скопје е обврска на Град Скопје. Меѓутоа, сите бевме сведоци кога градоначалничката на Скопје и нејзината политичка партија што ја поддржа, ВМРО-ДПМНЕ, со резигнација одбија да управуваат со нешто што е комунална услуга. Државата мораше да преземе бидејќи е одговорна и бидејќи мора да мисли на сите, да го преземе управувањето. Мене сега ми станува јасно зошто тие тоа го одбиле. Затоа што тие не се занимаваат со проблемите на граѓаните. Тие се занимавале со тендери“, потенцираше Ковачевски.

Слични содржини