Рускиот претседател Владимир Путин денеска соопшти дека жетвата на жито во Русија ќе достигне рекордно ниво и оцени дека санкциите за извоз на руско жито и ѓубрива може да доведат до глобална прехранбена криза, за што, како што вели, виновен е колективниот Запад.
– Се уште се соочуваме со тешкотии во извозот на жита и ѓубрива, што е за жалење и за нас и за глобалниот пазар на храна – рече Путин на состанокот посветен на сезонските земјоделски работи, пренесува ТАСС.
Според него, „санкциите против Русија се закануваат дополнително да ја влошат ситуацијата, што ќе доведе до глобална прехранбена криза кон која светот се движи веќе неколку години“.
– Тоа нема никаква врска со руската специјална воена операција во Донбас. Тоа е резултат на финансиските и прехранбените политики усвоени од некои водечки земји. За тоа секако е целосно виновен таканаречениот колективен Запад – додаде Путин.
Рускиот претседател изјави и дека жетвата на жито во земјата оваа година би можела да достигне рекордни 150 милиони тони, вклучувајќи 100 милиони тони пченица.
– Според експертите, жетвата на жито може да изнесува 150 милиони тони. Прво кажавме 140 милиони тони, подоцна 145, па 147, а сега прелиминарната проценка е 150 милиони тони, а околу 100 милиони тони пченица, што ќе биде рекорден резултат – нагласи Путин.