Фудбалерот на Манчестер Јунајтед и португалски репрезентативец Кристијано Роналдо побарал помош од познатиот канадски психолог Џордан Петерсон, пишува шпанскиот спортски весник „Марка“.
Пред две недели Роналдо на социјалните мрежи објави слика со Петерсон.
„Пред неколку месеци имаше проблеми во животот, па пријател му испрати дел од моите видеа. Тој рече дека ги гледал, а потоа ја прочитал мојата книга. Роналдо мисли дека книгата му помогнала и тогаш сакаше да разговара со мене. Разговаравме околу два часа. Ми ја покажа опремата што ја користи за да остане во топ форма, разговаравме за неговите компании и за тоа што сака во иднина и за пречките со кои се соочува“, изјави Петерсон во ТВ-шоуто на Пирс Морган.
Роналдо (37) оваа сезона одигра само осум натпревари за Манчестер Јунајтед во сите натпреварувања и постигна само еден гол.
Тој го пропушти најголемиот дел од претсезонскиот тренинг на „црвените ѓаволи“ бидејќи наводно сакал да се пресели во клуб кој оваа сезона игра во Лигата на шампионите, иако има договор со клубот од „Олд Трафорд“ до крајот на сезоната.
Роналдо се најде на мета на критики од медиумите и навивачите во својата татковина бидејќи португалската репрезентација не успеа да се пласира во финалето на Лигата на нациите.