Бујаре Абази не беше партиско решение и на функцијата заменик беше назначена како личност која треба да ги застапува интересите на граѓаните, реагираат од Град Скопје по денешната оставка на заменик градоначалничката.
-Искрено жалиме што Абази одлучи партијата да ја стави пред интересот на градот и скопјани, но тоа е нејзина одлука. Департизацијата во институциите мора да биде постулат врз кој ќе се градат професионални јавни институции, а секој кој партиските интереси ги става над јавниот интерес, јасно е дека не може да функционира во насока на соодветно застапување на скопјани – велат од град Скопје.
Абази си поднесе оставка од функцијата со образложение дека не сака да биде во коалиција со ДУИ односно тоа е спротивно на вредностите кои ги промовира таа и нејзината партија, откако вчера градоначалничката Данела Арсовска назначи двајца директори на јавни претпријатија од редовите на ДУИ.