Украински пратеник за „Локално“: Со лажните руски референдуми ќе се анектира површина еднаква на Австрија и Швајцарија заедно

од Nikola Popovski
278 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин синоќа потпиша указ со кој регионите Херсон и Запорожје во Украина се признаваат како независни територии. Кремљ вчера објави дека рускиот претседател во петок (денеска) ќе се сретне со лидерите на окупираните територии и ќе потпише договор за нивно присоединување кон Руската Федерација. Путин потоа ќе присуствува на церемонијата во Кремљ каде регионите официјално ќе бидат припоени кон Русија, а како што пренесуваат тамошните медиуми, во Москва се е подготвено за таа церемонија. Припојувањето на четирите окупирани региони (Херсон, Запорожје, Доњецк и Луганск) кон Русија се случува само неколку дена по одржаните референдуми во тие региони, кои меѓународната заедница ги смета за незаконски.

Олексиј Гончаренко

Во однос на тоа како украинската јавност и општество гледа на овие преседани, во разговор за „Локално“ раскажа Олексиј Гончаренко, пратеник во Народното собрание на Украина. Според него, ова што се случуваше претходните денови во споменатите региони воопшто не може да се нарече референдум.

-Ова е срамота да се нарече референдум. Тоа е сценски настап кој воопшто не е чин на демократија. Околу 99% гласаат за нешто во современиот свет, што во случајов е ништо… Можеме ли да замислиме што ќе се случи откако Путин ја започна целосната инвазија против нашата земја? Се може да му биде возможно и овозможено, тој ги премина сите граници, тој е луд тиранин. Секако дека нема и никогаш нема да има меѓународно признавање на ваквите т.н. референдуми. Нема никакво значење. Политички знак е дека Путин оди кон ескалација и сака да ја ескалира ситуацијата, оценува пратеникот.

Гончаренко смета дека ова е знак на очај на Путин.

-Тој е очаен и дека се обидува да ги покрие своите неодамнешни воени неуспеси, особено оние кај Харков, со некаков политички успех. Сега сака да покаже дека може да преземе некои територии, вели пратеникот.

Околу тоа за колкава територија зборуваме што би можела да биде анектирана, Гончаренко објаснува дека станува збор за 18% од украинската територија.

-Ова е голема украинска територија, во споредба е колку Австрија и Швајцарија заедно. За ефективна контрола, да, Русија ги окупираше овие територии и тие ја контролираат моментално, но Украина секој ден ослободува нови територии. И денес се надевам дека имаме добри вести од исток од земјата, информира украинскиот пратеник.

Што доколку западните сили со помош на Украина ги нападнат руските во овие региони, дали би дошло до Трета светска војна, Гончаренко смета дека таа веќе започна.

-Има многу градови кои беа нападнати од беспилотни летала камикази, особено во Одеса, кои се произведени во Иран. Многу земји во навистина се веќе вклучени и велам дека ова е веќе Трета светска војна помеѓу неслободниот свет и слободниот свет. Тоа е она што јас го мислам, истакнува украинскиот пратеник.

Следно, според Гончаренко, е дека сега Путин ќе ја обвини Украина за напад на „руско тло“ доколку дојде до борби на крајниот исток од земјата.

-Ќе го направи својот апсолутен перверзен начин и ќе каже дека Украина ја напаѓа Русија. Но, за нас тоа не е важно, ова се наши територии и треба да ги ослободиме и треба да го спасиме нашиот народ од геноцид. Русија извршува и го прави тоа врз нашиот народ на окупираните територии, ни изјави тој.

Гончаренко вели дека нема смисла да се реагира на сите поединечни укази што ги потпиша Путин.

-Сите тие се апсолутно наша територија. Ова е украинска територија, беше, е и секогаш ќе биде. Линијата на фронтот е добра – ние продолжуваме да ги туркаме Русите и на југ и на исток. Сега има голема борба за стратешкиот град наречен Лиман. За мене тоа е лично важно бидејќи е еден од градовите каде што пред оваа инвазија и окупација беше дом на важна мрежа на центри. Сега е окупиран и се надевам дека наскоро ќе ја отворам повторно, порача соговорникот од Украина.

Н.П.

Слични содржини