ЛДП го предложи Пенов за нов министер за локална самоуправа, предлогот ќе биде доставен во Собрание

од Берта Китинска
142 прегледи

Централниот одбор на ЛДП на синоќешната седница го прифати предлогот на Извршниот одбор за започнување со подготовки за одржување на редовното Собрание на партијата, ја разгледа оставката на партискиот лидер Горан Милевскина на местото министер за локална самоуправа и го прифати предлогот Ристо Пенов да биде негов наследник на оваа позиција во Владата.

– Централниот одбор се заблагодари на досегашниот ангажман на Милевски, на успешното менаџирање со Министерството и на придонесот за регионалниот развој на државата, велат од ЛДП.

Како што посочуваат од партијата согласно Статутот на ЛДП, формиран е организациски одбор во чиј состав се избрани Боби Мојсоски, Димитар Ванчов, Билјана Аврамоска – Ѓореска, Дејанчо Цветановски, Валентин Груевски и Ивица Тодоровски.

Пратеничката Моника Зајкова од Либералдемократската партија вели дека преземањето на поранешниот лидер на партијата, Ристо Пенов на Министерството за локална самоуправа ќе ѝ даде нова димензија на партијата.

Во интервју за ТВ21 кое ќе се емитува вечерва, Зајкова рече дека Пенов никогаш не се оддалечил од ЛДП и секогаш имал советодавна улога во партијата. Вели дека тој како претседател на ЛДП имал добри резултати.

„Сметавме дека како човек кој што има навистина успешни проекти додека го водеше градот, дека може да го преземе кормилото на Министерството за локална самоуправа, но и тоа и дава една нова димензија на партијата во делот на тоа што ние го викаме обединување, да малку ги сплотиме луѓето на едно место и да настапиме со поинаков концепт“, вели Зајкова.

Пред неколку дена премиерот Димитар Ковачевски кажа дека го очекува предлогот на ЛДП за да може да го достави и до Собранието.

„Министерството за локална самоуправа во распределбата на ресорите и одговорностите е во одговорност на Либерално демократската партија и штом ЛДП ќе предложи личност која ќе го замени постојниот министер кој поднесе оставка, тогаш тоа ќе биде доставено до парламентот“, изјави денеска Ковачевски.

Слични содржини