„Адора инженеринг“: Склучивме договор кој е на штета на компанијата од 550.000 евра на годишно ниво

од Nikola Popovski
334 прегледи

„Адора инженеринг“ денеска информира дека добиле цврсти гаранции од ЕСМ АД дека во најбрз можен рок, според сите домашни законски прописи ќе почне постапката за купопродажба на топланите Исток и Запад и дека на компанијата ќе ѝ бидат исплатени долговите настанати во изминатата година по основ на закуп и амортизација на топланите.

-Адора Инженеринг во интерес на граѓаните склучи краткорочен договор за закуп на топланите Исток и Запад со ЕСМ АД, кој важи од денеска до 30 април 2023 година, кој е на штета на компанијата од 550.000 евра на годишно ниво, велат од компанијата.

Претходно од ЕСМ информираа дека договорот за закуп е со трајност за времетраење на грејната сезона 2022/23 година.

-Закупнината е дефинирана според постоечката цена утврдена од Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ), истакнаа од АД ЕСМ.

Лани во септември, „Адора“ ги купи скопските топлани на јавна лицитација, за 9,3 милиони евра од презадолжената компанија БЕГ, која во меѓувреме ја загуби лиценцата за снабдување со топлинска енергија, што предизвика празнина во снабдувањето со топлинска енергија во Скопје.

Грејната сезона почнува од 15-ти октомври.

Владата уште претходно го задолжи АД ЕСМ – Скопје да основа три трговски друштва со ограничена одговорност што ќе вршат производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија за подрачјето на Град Скопје. Електростопанство на Северна Македонија ќе биде основач и единствен содружник на друштвата, а ваквиот чекор следи откако Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕВУ) ги одзеде трите лиценци на компанијата БЕГ за производство, диструбуција и снабдување со топлинска енергија.

Слични содржини