Претседателот на Австрија, кој се кандидира за нов мандат, Александар ван дер Белен, призна дека била грешка недиверзификацијата на изворите на гас и посочи дека дозволил рускиот претседател Владимир Путин да го измами, како што го измамил целиот свет.
Ван дер Белен во интервју за телевизијата „Пулс24“ запрашан за претходните изјави дека е лесно да се разговара со Путин, објаснил дека е лесно да се разговара со него бидејќи зборувал на германски и дека за време на посетата бил заинтересиран за неговата семејна историја, која е поврзана со Русија.
„Или тој веќе планираше колонијалистичка агресивна војна или се промени во изминатите години. Секако не е важно што е, сметам дека Путин ме измами мене, како што го измами целиот свет“, објасни австрискиот претседател.