Земјите од Европската унија гласаа за осмиот пакет санкции против Русија, кои вклучуваат ограничување на цените на руската нафта што ја извезуваат трети земји. По усвојувањето на оваа одлука, Србија нема да може да увезува нафта од Русија преку Јанаф, па санкциите наметнати на Русија се прелеаа и на Србија.
Првобитниот предлог на Европската комисија предвидуваше исклучок кога станува збор за испораките од Јадранскиот гасовод, но на инсистирање на некои земји-членки на ЕУ тој предлог беше одбиен бидејќи ставот е дека нема оправдување Србија да биде изземена, пренесува „Нова.рс“.
„Србија не воведува санкции кон Русија, затоа не би требало да профитира од отстапувањето. Со овој став се согласија и другите земји-членки“, изјави дипломатски извор кој беше вклучен во дискусиите за новиот пакет санкции, пренесува Радио Слободна Европа.
Ваквата одлука, според некои медиуми, го шокирала српскиот претседател Александар Вучиќ, кој смета, како што се наведува, дека Хрватска е најодговорна за блокадата на Србија.
Според најавите, Вучиќ во оваа прилика треба да се огласи, а главната причина поради која српскиот претседател е незадоволен од одлуката на ЕУ е тоа што Бугарија, каде што работи рускиот Лукоил, добила привилегирана позиција, односно изземање.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, зборувајќи за воведувањето санкции против Србија, рече дека оваа одлука променила се.
„Зборував дека претседателот ќе биде под огромен притисок. Вучиќ денеска по оваа срамна одлука на Европската унија ќе даде жесток одговор на санкциите на кои инсистирала Хрватска, да изземат некои членки на Унијата од пакетот санкции, но тоа да ѝ го направат на Србија по експлицитно барање на Хрватска. Стотици милиони евра излегуваат од џебовите на нашата земја“, изјави Брнабиќ во програмата на ТВ Хепи.