Врабчев за „Локално“: Отворањето на бугарскиот клуб е дело на националисти кои работат во корист на Москва

од Nikola Popovski
405 прегледи

Отворањето на бугарскиот културен клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, кое е најавено за денеска, предизвика голем број коментари во земјава, пред се поради неговото име. Претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви, тоа го нарече провокација и „на некој начин враќање кон фашизмот“. Тој најави дека е поднесена кривична пријава до Обвинителството за името на клубот. Со соопштение излезе и опозициската партија Левица, чиј огранок во Охрид за денеска повика на протест во исто време со најавеното отворање. Протестот го поддржа и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Андреј Врабчев

Останува прашање што мисли бугарското општество за отворањето на нов клуб во земјава – дали ќе се повтори истото како и со „Ванчо Михајлов“ во Битола. Политичкиот аналитичар и член на бугарската фондација „Татковина“, Андреј Врабчев во разговор за „Локално“, вели дека создавањето на овие клубови има за цел да создаде тензија.

-Организирани се од контроверзни личности, а вревата околу нив организирано и синхронизирано ја разгоруваат антиевроатлантските сили од двете страни на границата. Клубот „Иван Михаилов“ постоеше долго време пред да се претвори во проблем во погоден момент за нив. Очигледно е дека националистите во двете земји се преправаат дека се во конфликт, но во пракса се во сојуз во корист на Москва, а нивните постапки во пракса ги срушија Заев и Петков и доведоа до бум на антиевропските и националистичките партии во Бугарија и до веројатна идна победа на ВМРО-ДПМНЕ во Македонија, смета Врабчев.

Тој е дециден дека „антиевропските, проруските и просрпските интереси и играчи во двете земји очигледно си помагаат едни на други преку создавање тензии за одржување на конфликтот меѓу нашите општества“.

-За жал, владите на двете земји немаат храброст да се оградат и да ги посочат виновниците, a тоа е единствениот начин да се изолира овој проблем на вечни мини-скандали кои ги одржуваат тензиите на високо ниво и ги држат политичарите да се плашат да возвратат поради страв од губење на поддршка на изборите, смета аналитичарот.

Според Врабчев, распадот на нашите односи не се должи на ставовите во Македонија и Бугарија, туку на намерните дејствија за уништување на нашите односи што ги спроведуваат одредени кругови кои штитат лични, партиски и трети интереси.

-За жал, актуелната власт не покажува ништо дека ја напуштила спиралата на влошување на односите меѓу нас и не се истакнува со евроатлантското размислување, напротив. Постојаното зборување за Тито го покажува неразбирањето на проблемот и желбата да се зачува дискурсот на односите не како што треба да бидат меѓу Бугарија и Независна Македонија, туку како што беа меѓу Бугарија и СФРЈ. И како што знаеме, тоа беа односи кои имаа за цел да нѐ оддалечат, оценува Врабчев, кој често ги анализира македонско-бугарските односи.

Министерство за надворешни работи на Република Северна Македонија

По повод најавеното отворање, како и јавните повици за изразување на протест против истото, Министерството за надворешни работи вчера упати апел до сите граѓани, политички и неполитички групации за зрело и достоинствено однесување, втемелено врз почитта кон правото на сите граѓани, без разлика на својата етничка припадност, да ја остваруваат својата уставно загарантирана слобода на здружување и за слободно изразување на својот став. Од МНР ги замолија сите чинители да се воздржат од обиди за злоупотреба на своите права и слободи, особено да избегнуваат употреба на провокации и негирање на правата и слободите на другите.

Здружението за промоција на културните вредности на македонските Бугари „Цар Борис Трети“ во Охрид е регистрирано во Централниот регистар на Република Северна Македонија во ноември 2021 година согласно Законот за здруженија и фондации.

Цар Борис е контроверзна личности бидејќи бил соработник на Хитлер во Втората светска војна. На 21 јануари 1941 година го потпишува антиеврејскиот Закон за заштита на нацијата, ја презема паролата на нацистичка Германија „Eден цар, еден народ, една држава“ и е докажан заговорник за спроведување на т.н. „конечно решение на еврејското прашање“.

Н.П.

Слични содржини