Цената на нафтата на светскиот пазар порасна за околу три отсто на највисоко ниво во изминатите пет недели, поради одлуката на Организацијата на производители и извозници на нафта и нивните сојузници „ОПЕК+“ да го намалат дневното производство, и покрај загриженоста за можна рецесија и зголемување на каматните стапки.
Во Лондон цената на суровата нафта „брент“ од Северното Море поскапе за 2,73 долари на 97,15 долари за барел.
Во Њујорк цената на лесната сурова нафта е повисока за 2,94 долари и сега изнесува 91,39 долари за барел.
Членките на „ОПЕК+“ на 5 октомври постигнаа договор за намалување на дневното производство за два милиони барели, што беше многу повеќе од очекуваното.
Саудиска Арабија соопшти дека намалувањето на производството за два милиони барели дневно е неопходно како одговор на зголемените каматни стапки на Запад и слабеењето на глобалната економија.