Премиерот Димитар Ковачевски денеска повторно осуди формирање здруженија што се именуваат по личности поврзани со, како што рече – најмрачното минато во Европа – фашистичкиот режим на Хитлер, затоа што ги повредуваат чувствата на македонските граѓани и ги нарушуваат односите со Бугарија.
-Како што го осудив формирањето на здружението во Битола, како што го осудив формирањето на здружението во Охрид, го осудувам и секое друго здружение кое се прави со намера да внесе раздор во односите коишто ги има Северна Македонија и Бугарија, рече Ковачевски одговарајќи на новинарско прашање за информација дека до Централниот регистар е стигнато барање за формирање ново бугарско здружение со име цар Фердинанд.
Посочи дека имаме веројатно најлиберален закон за регистрација и основање здруженија на граѓани и организации и дека уште кога се појавило првото здружение со спорно име разговарал со министерот за правда и веќе се подготвува нов закон за здруженија и невладини организации.