Премиерот Димитар Ковачевски, придружуван од министерот за економија Крешник Бектеши денеска се обрати на настан по повод отпочнувањето со работа на 17 мегаватна соларна електрана, кумулативно најголемата фотоволтаична електрана во земјата, лоцирана во Свети Николе, Амзабегово.
Електраната се состои од 31.772 сончеви панели на површина од 300.000 квадратни метри со 17 мегавати номинална инсталирана моќност и предвидено производство од 25.000 MWh зелена енергија годишно, што би можела да снабдува над 5.500 македонски домаќинства.
„Оваа инвестиција, оваа фотонапонска централа, има инсталиран капацитет кој е ист како сите изградени фотонапонски централи во Северна Македонија за вкупно 11 години колку што владееше претходната власт. Тоа покажува визија за иднината, но и посветена работа на Владата, особено во дадениот контекст на енергетско-економска криза.
Токму оваа Влада го воведе премиумот како начин на поддршка за изградба на фотонапонските електрани во Северна Македонија. Оваа фотонапонска централа е резултат на првата транспарентна и конкурентна постапка организирана од Министерството за економија, затоа сакам да им се заблагодарам на сите од Министерството за економија кои што учествуваа во оваа постапка.
Ќе ви презентирам еден фрапантен податок, за сите претходни изградени фотонапонски електрани во време на претходната Влада со капацитет од 16 мегавати, годишно преку сметките на граѓаните се исплаќаат околу 5 милиони евра. Граѓаните плаќаат 5 милиони евра за да тие кои изградиле фотонапонски централи добијат тарифи од 180 и 200 евра. Додека за оваа електрана, државата исплати 250 евра. А во буџетот беа уплатени околу 2,7 милиони евра од страна на ГЕН-И сонце за да може да ја гради фотонапонската електрана од 17 мегавати. Па сега вие, како медиуми и граѓаните нека ценат, кој модел е подобар дали оној во којшто граѓаните плаќаат на приватни компании за да има централи или овде каде што компаниите и плаќаат на државата за да изградат фотонапонска централа“, вели Ковачевски.