Србија и Унгарија се договорија за изградба на нафтовод кој ќе ѝ овозможи на Србија да се снабдува со „поевтина нафта од Урал со поврзување со нафтоводот Дружба (Пријателство)“.
Изградбата на гасоводот беше договорена откако Европската унија го воведе осмиот пакет санкции против Русија, со кој се ограничува увозот на руска сурова нафта. Највисоките српски функционери, претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ, ја обвинија Хрватска дека иницира Србија да не биде изземена од осмиот пакет санкции.
Вучиќ рече дека поради ова Србија повеќе не ја смета Хрватска за сигурен снабдувач, дека ќе мора да го диверзифицира снабдувањето со нафта и додаде дека со унгарскиот премиер Виктор Орбан разговарал за можноста за приклучување на нафтоводот „Дружба“, кој носи нафта од Русија до Унгарија преку Украина.
Руската нафта пристигнува во Србија преку Јадранскиот нафтовод (ЈАНАФ).
Како што напиша на Твитер Золтан Ковач, портпаролот на унгарската влада, поради ова Србија најверојатно во иднина нема да добива нафта преку Хрватска.
„Во моментов снабдувањето со нафта главно се врши преку нафтоводи низ Хрватска, но малку е веројатно дека тоа ќе биде можно во иднина поради усвоените санкции“, напиша Ковач.
Унгарија, која исто така многу се потпира на руската нафта и гас, го поддржа последниот пакет санкции против Русија.
Јужниот крак на гасоводот Дружба оди преку Украина до Унгарија, преку Словачка и Чешка, и е главен извор на сурова нафта за трите земји.