„Единствено што и преостанува на Русија е терор врз цивилното население“: Протест на Здружението „Лејса Украина”

од Берта Китинска
200 прегледи

Здружението на Украинци во земјата, „Лејса Украина“ попладнево протестираше пред амбасадата на Руската Федерација во Скопје во знак на револт по денешните руски ракетни напади врз неколку локации во Украина.

„Единствено што и преостанува на Русија е терор врз цивилното население. Подмолен напад врз големи украински градови, додека луѓето спиеле и утрото кога тргнале на работа, за да има што повеќе цивилни жртви, како и напад врз енергетски објекти, со цел населението да остане без струја и вода. Тоа е единствено за што сте способни, да се борите со деца и повозрасни лица, без оружје,“ порачаа од Здружението.

Тие оценија дека ваквите напади уште повеќе ја челичат украинската нација и се заблагодарија до македонската Влада за воена помош што ја пружа и побараа таа да не престане, туку да се засили се до целосно ослободување на Украина.

Денешните ракетни напади врз цивилни цели во Киев, Лвов, Днипро, Харков, Криви Рих и други делови од Украина претставуваат флагрантно кршење на меѓународното хуманитарно право, како и дополнително поткопување на меѓународниот поредок заснован на правила, објави шефот на дипломатијата Бујар Османи на негопвиот Фејсбук профил.

-Република Северна Македонија силно ги осудува ваквите неприфатливи дејствија извршени од страна на Русија, кои резултираат со невини човечки жртви. Сторителите на нападите треба да бидат изведени пред лицето на правдата и да одговараат за извршените воени злосторства. Уште еднаш ја реафирмираме солидарноста со украинскиот народ, како и цврстата поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, упатувајќи уште еден повик за итно прекинување на сите воени дејствија и повлекување на руските воени сили од земјата, стои на статусот на Фејсбук на министерот Османи.