Димитриевски: Во Прилеп формирано здружението „За нашите граѓани“

од Берта Китинска
219 прегледи

Актуелниот градоначалник на општина Куманово, како претставник на граѓанското здружение „За наше Куманово“ Максим Димитриевски, вечерва во Прилеп се обрати на граѓанскиот собир на кој беше претставено прилепското граѓанско здружение „За нашите граѓани“, формирано по примерот на граѓанското здружение „За наше Куманово“.

„Граѓаните ќе ја добијат државата назад бидејќи Македонија е узурпирана држава, Македонија ја водат и лево и десно, но секогаш по ист терк и исто клише. Ја држат луѓе што бараат да им се служи, а не луѓе што сакаат да служат. Ние во Куманово уште пред една година се охрабривме и заедно рамо до рамо со граѓаните застанавме, првиот ден бевме малку, но вредни, чесни и достоинствени. Последниот ден кога се гласаше бевме на 26 илјади гласа и им испративме јасна порака на сите во Куманово и Македонија дека има нови сили во државата што се подготвени да излезат и да работат од граѓаните за граѓаните. Благодарам на сите од иницијативниот одбор што ќе учествуваат во основачкото собрание, а основната цел е првично да се има автономија во делот на одлучување и да се одлучува за граѓаните бидејќи здружението се формира од прилепчани за прилепчани“, потенцира Димитриевски.

Тој истакна дека граѓаните се уморни да слушаат една иста реторика на празни ветувања, каде што во континуитет се ветува, а не се реализира ништо.

„Ве охрабрувам, бидете горди на вашите предци затоа што покрај вас и ние од Куманово ја пишуваме современата македонска историја. Бидете достоинствени затоа што ние никогаш нема да се согласиме ниту со менување во историјата ниту со измените во етногенезата, а најмалку со навредите што доаѓаат до нашиот народ и држава во континуитет. Да, нашата цел се Европската Унија и НАТО, но како достоинствени граѓани Македонци и граѓани на Македонија, кои потекнуваат и со векови биле на овие простори. Не треба и недозволиво е некој да нѐ убедува дека ние денеска треба да се срамиме ако кажеме дека нашите предци се бореле против фашизмот? Ако кажеме дека нашите предци се бореле против бугарскиот фашистички окупатор, со тоа ние немаме цел да ги навредиме граѓаните на Бугарија, но исто така имаме обврска кон нашите предци. Да потсетиме дека ние живееме во наша Македонија и ние живееме со нашата историја која токму тие наши предци ја имаат креирано“, рече Димитриевски. Државата Македонија им припаѓа на сите. Бидете горди, вечерва сме 100, 200, 300, задутре ќе бидеме 500, до крајот на месецот 1.000 и потоа е само пат на математичка прогресија да се постигне конечната цел, а нашата конечна цел е Македонија да ја вратиме назад во рацете на граѓаните бидејќи големо фајде од политичките партии и субјекти не видовме. Нека ни е среќен и долговечен празникот, честитки и успех на здружението „За нашите граѓани“, изјави Димитриевски.

Слични содржини