Министерството за надворешни работи (МНР) во изјава за „Локално“ информира дека се во контакт со семејството на македонскиот државјанин кој почина откако му се слошило додека нуркал во вторникот во областа Бриони кај Вис.
-Во врска со несреќниот случај на Вис, Република Хрватска, каде животот го загуби државјанин на Република Северна Македонија, информираме дека нашата Амбасада во Загреб е во постојан контакт со семејството на починатиот и ги започна процедурите околу враќањето на телото, велат од МНР.
Од таму додаваат дека информации околу причините за несреќниот случај ќе бидат познати по завршување на обдукцијата која е најавено дека ќе биде во текот на денешниот ден.
Како што објавија хрватските медиуми, веднаш била испратена брза помош за да интервенира на местото, но нуркачот веќе починал.
Областа Бриони кај Вис е една од најатрактивните области за нуркање на Јадранското Море, а тука доаѓаат многу нуркачки ентузијасти од странство.
Б.М.