Потребно е да се запре со бескрајната партизација на јавниот сектор, вели Димитров за извештајот на ЕК

од Nikola Popovski
209 прегледи

Поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров го коментираше извештајот на Европската комисија за напредокот на С. Македонија. Според него, потребно е да се запре бескрајната партизација во јавниот сектор.

-Кај јавната администрација се нотира доцнењето на големите законски проекти, крупните реформи коишто во основа значат натпревар на способни, а не на партиски војници и воведување на овој натпревар и за високи државни позиции во јавниот сектор. Тој закон долго време се зборува го најавуваме, работиме на тоа, ама уште не е во сила. Очигледно е важна работа, знаеме дека мора да ставиме крај на овој тренд на бескрајна партизација во јавниот сектор, рече Димитров синоќа во гостувањето на „24 анализа“.

Тој ја коментираше и моменталната ситуација на стариот континент во однос на војната во Украина.

-Просперитетот на ЕУ е базиран на два столба кои денес се разнишани. Потежок е сега пристапот кон кинескиот пазар, а Европа бара начин да ја поништи зависноста од руските енергетски ресурси, а за безбедноста на Европа се потпираме на САД. Живееме во време кога има радикална непредвидливост. Има и политички движења што играат на картата враќање назад. Мора да се адаптираме и да станеме отпорни на влијание. Дури и американското присуство на европскиот континент не треба да се зема здраво за готово, истакна Димитров.

Слични содржини