Гранично управување: Месецов ќе се потпише Договорот меѓу Фронтекс и Македонија

од Nikola Popovski
123 прегледи

Европскиот Совет денеска донесе одлука за потпишување договор за соработка во управувањето со границите меѓу Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) и Северна Македонија. Исто така, Советот се согласи да ја испрати нацрт-одлуката за склучување на договорот до Европскиот парламент за негова согласност.

-ЕУ и Западен Балкан споделуваат заеднички миграциски предизвици и единствениот начин за нивно решавање е преку заедничка акција. Договорот со Северна Македонија е важен чекор во оваа блиска соработка. Тоа ќе му овозможи на Фронтекс да обезбеди конкретна поддршка на теренот, во корист и на Северна Македонија и на земјите од ЕУ, изјави Вит Ракушан, министер за внатрешни работи на Чешка.

Откако ќе стапи на сила овој договор, Фронтекс ќе може да и помогне на Северна Македонија во напорите за управување со миграциските текови, спротивставување на илегалната имиграција и справување со прекуграничниот криминал. Договорот ќе овозможи да се организираат заеднички операции и да се распоредат тимови за управување со границите на Фронтекс во Северна Македонија, што е предмет на договорот.

Договорот, како што се наведува, ќе биде изработен во дупликат на бугарски, хрватски, чешки, дански, холандски, англиски, естонски, фински, француски, германски, грчки, унгарски, ирски, италијански, латвиски, литвански, малтешки, полски, португалски, романски, словачки, словенечки, шпански, шведски и македонски јазик, секој од текстовите подеднакво автентични.

Европскиот парламент во најбрз можен рок треба да даде зелено светло за Скопје и Брисел да можат и официјално да го потпишат договорот на 20 октомври.

EУ смета дека зајакнувањето на контролите на македонските граници ќе помогне да се подобри безбедноста на границите на Унијата.

Полициските сили на Фронтекс веќе неколку години се во Македонија за обезбедување на границата со Грција и справување со мигрантска криза, но нивното присуство не беше формализирано со договор поради бугарското противење за македонскиот јазик.

Слични содржини