Сторителот на масакрот на Денот на вљубените избегна смртна казна (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
245 прегледи

Во октомври 2021 година, Николас Круз се изјасни за виновен за 17 убиства извршени на Денот на вљубените.

Сторителот на масакрот во средното училиште во Флорида во 2018 година ја избегна смртната казна во четвртокот, откако поротата одлучи дека убиецот треба да го помине животот во затвор по тримесечното судење. Николас Круз не реагирал за време на читањето на пресудата од страна на судијката Елизабет Шерер во судот во Форт Лодердејл, а како што пренесуваат медиумите „не ни трепнал“.

Роднините на жртвите се очајни поради одлуката на судот, а едно лице одмавна со главата за да покаже дека не се согласува. Многу родители на настраданите деца плачеа, се гушкаа, се поддржуваа, а на судењето присуствуваа и деца кои го преживеаја масакрот.

Тие ќе можат да зборуваат на рочиштето на први ноември, кога се очекува судијата и формално да ја потврди казната. По седум часа размислување, дванаесет поротници задржаа неколку отежнувачки фактори, особено „суровата“ природа на кривичното дело, но еден од нив сметаше дека тие фактори не се доволни.

За да биде донесена смртна казна во овој случај, потребна беше едногласна одлука.

На 14 февруари 2018 година, 17-годишниот Николас Круз предизвика страв во Паркленд, мал град северно од Мајами, отворајќи оган во средното училиште „Марџори Стоунман Даглас“, од кое беше избркан една година претходно. Во октомври 2021 година, тој се изјасни за виновен за 17 убиства извршени на Денот на вљубените, во кои беа вклучени 14 ученици и тројца возрасни лица.

Слични содржини