Анализирајќи го најновиот пакет на антикризни мерки вреден 360 милиони евра, Борче Треновски изразува надеж дека овој пат ќе ги избегнеме сите недоследности поврзани со дел од мерките кои беа преземани во претходниот пандемиски период. Во интервју за „Локално“, таксативно и прецизно ги набројува чекорите кои се од суштинска важност за нивниот успех и постигнување на посакуваната цел.
„Најпрвин мора да бидат детектирани вистинските проблеми и нивниот обем, да се обезбедат адекватни јавни ресурси/средства, да се подготват прецизни процедури и насоки за имплементација (без можност за заобиколување или недоволно искористување) и на крајот ефикасно да се имплементираат онаму каде што е најпотребно“, посочува Треновски.
Како итна ја наведува потребата од што поскоро објавување на мерките за подршка на бизнисите, при тоа укажувајќи на фактот дека голем дел од европските и соседните земји веќе го направија тоа во текот на претходниот месец. Сите треба да бидат превземени според конкретен календар и со јасни правила, односно дефиниран рок на траење,определен опфат на бизниси и јасна процедура за користење. Во однос на големината на подршката на бизнисите повикува на внимателност.
„Мораме мудро да ги пуштиме нозете колку што ни е долга чергата- односно да таргетираме онаму кадешто е најпотребно“, вели Треновски.
Според него, Владата мора да биде особено внимателна и во однос на најавите за намалување на расходите за плати и надоместоци. Ваква мерка во актуелната специфична криза дополнително може да влијае на чувствителноста на вработените во јавниот сектор во услови кога нивните семејни буџети се значајно нагризени, а исто така, вели Треновски, може дополнително да влијае и на скромниот квалитет на услуги кои ги испорачува јавниот сектор. Како решенијата предлага посуштински/пошироки структурни приспособувања на буџетите на јавните институции, намалување на износите на договорните услуги, намалување на привремените вработувања, преструктурирање на администрацијата како и генерална рационализација и спојување на цели институции, агенции, регулаторни тела.
Најновиот извештај на Европската Комисија за напредокот на РСМ изнесе низа критики во однос на клучните реформски приоритети кои или бавно се реализираат или се одложени. Како Вие ги оценувате владините заложби во однос на посветеноста на реформите, отчетноста, владеењето на правото?
-Извештајот на Европската комисија посочува и укажува на определени недостатоци и направен напредок во определени подрачја кои со извесна варијација се задржуваат повеќе години наназад. Се разбира истиот ја скенира моменталната состојба која може да се подобри, меѓутоа и да се влоши доколку ги занемариме или замениме нашите клучни приоритети. Иако генерално има определена блага позитивна нота во извештајот, ние многу добро ги познаваме нашите тесни грла, причините за истите и сме должни критички, без компромис да ги опсервираме, анализираме и укажуваме на можностите за унапредување, бидејќи ние живееме во земјава и директно ги чувствуваме сите последици. Во извештајот јасно се нотираат предизвиците поврзани со политичките критериуми /парламентот, политичкиот антагонизам, кои како такви не треба да се игнорираат имајќи предвид дека истите влијаат на секоја пора од функционирање на нашето општество, влијаат на забавување/забрзување на реформите (институционални, административни, легислативни), а посебно во справувањето со последните последователни кризи, дизајнирање на пакетите на мерки итн.
Со скромни поместувања остануваа предизвиците поврзани со долго најавуваната реформа на администрацијата (селекција, ефикасност, партизација, организација), како и предизвиците поврзани со владеењето на правото и судскиот систем – во кој според последните извештаи и истражувања во земјава довербата изнесува само 8% (според Еуротинк) додека само 12% (според ИРИ) од граѓаните сметаат дека има владеење на право во земјата – ова треба да не загрижи повеќе од извештајот на ЕК.
Борбата со корупцијата е исто така проблем кој се провлекува со години наназад, за кој имаме се уште сериозни забелешки и со кој мораме посериозно да се справуваме, имајќи предвид дека последните анкети од терен покажуваат дека дури 2/3 од граѓаните не се задоволни со борбата со корупција , а исто толку не веруваат дека истата воопшто може да се намали, или може само во мал дел. Бавната и на моменти недоследна имплементација на законите, отчетноста и транспарентноста на институциите, како и квалитетот на обезбедените јавни услуги исто таа остануваат сериозни предизвици и во периодот кој доаѓа.
Во делот на економските критериуми се уште се посочуваат како сериозни предизвици : темпото на реформи поврзани со управувањето и одржливоста на јавните финансии (каде иако е донесена определена легислатива, имплементацијата се уште каска), имплементацијата и ефикасноста на јавните инвестиции (каде ефикасната алокација на јавните ресурси и оперативната имплементација често заглавуваат), како и неформалната економија за која и покрај силните најави и заложби се уште се многу скромни и малку видливи конкретните резултати. Таргетираноста на мерките е всушност последица на сите претходно наброени тесни грла – политичката околина, управувањето со јавите финансии и фискалниот капацитет, институционалната околина и административниот капацитет.
Дали овие забелешки се повторуваат во новиот пакет антикризни мерки што ги предложи Владата? Колку тие овој пат се реално и одржливо решение за проблемите што ги има државата?
-За да можете да таргетирате и успешно имплементирате таргетирани (воопшто ефикасни мерки) мерки вие треба да имате целосно функционален систем за детекција, полнење, подготовка, нишанење и погодок во целта. Односно поконкретно – најпрвин мора да бидат детектирани вистинските проблеми и нивниот обем, да се обезбедат адекватни јавни ресурси/средства, да се подготват прецизни процедури и насоки за имплементација (без можност за заобиколување или недоволно искористување) и на крајот ефикасно имплементација онаму каде што е најпотребно. Она што научивме од претходните кризи/антикризни пакети е дека навременоста, добрата информираност и едноставните процедури се најважни за имплементација/искористување на секоја од мерките на вистински начин. Основата на секоја пакет за поддршка е неговата одржливост – односно дали мерките ќе помогнат и ќе овозможат подобрување на состојбите кај граѓаните/бизнисите на среден (не само на краток рок) и дали средствата кои се обезбедени се согласно нашите можности, за да не се случи да треба да се направат несакани затегање за да се врати она што е потрошено над оптималниот фискален капацитет.
Сегашниот пакет од околу 360 милиони евра не заостанува значајно зад обемот на средства кои ги издвојуваат слични економии на нашата – имајќи ги предвид нашите капацитет- меѓутоа се уште остануваат дилемите за ефикасната имплементација и распределба на дел од средствата. Државниот завод за ревизија во извештајот за користење на мерките/пакетите за справување со пандемијата укажа на низа недоследности поврзани со транспарентноста, отчетноста, искористеноста и ефикасноста на дел од мерките кои беа преземани претходниот пандемиски период – се надевам дека сме ја научиле лекцијата во таа насока. Иако се наведени и други таргетирани мерки за земјоделие, енергетска ефикасност – со исклучок на таргетираните мерки за социјално ранливите (8,2 мил евра) и пензионерите (12,2 мил. Евра) , за кои е прецизно наведен фискалниот ефект од околу 20,4 мил. (5,6% од вкупната поддршка) за останатите мерки се уште немаме прецизни износи за ја утврдиме фискалната тежина и степенот на таргетираноста. Логиката е следна – имате ограничени буџетски средства (кои на краток рок е многу тешко значајно да се зголемат), имате граѓани/бизниси со различен капацитет да се справат со ценовните/енергетските/економските шокови – најдобро да помогнете онаму каде што е најкритично, оставајќи дел од бизнисите и граѓаните кои имаат определен капацитет да се соочат со шокот кој надоаѓа да се прилагодат на пазарот и да поднесат де од товарот.
Стопанството постојано апелира за помош, погоните се затвораат, вработените се испраќаат дома, но мерките за помош на бизнисот, Владата вели ќе го донесе до крајот на месецов.Што според вас треба да содржи тој сет мерки за да тие бидат концизни и таргетирани?
-Однесувањето на бизнисите е во зависност од нивните очекувања и информациите со кои располагаат. Секоја неизвесност или недоволна информираност може значајно да влијае на однесувањето на економските субјекти и понатаму врз ефикасноста на планираните економските мерки. Ако се ставиме на местото на компаниите (или граѓаните), не е тешко да утврдиме дека шумот од информации/најави дека ќе има мерки за нивна помош или ќе нема, дека ќе се замрзнат маржите/цените, дека ќе има други мерки, дека цените на суровините и енергијата ќе растат, дека можеби ќе обезбедиме поевтина енергија, дека ќе биде најтешка зима и можеби ќе има рецесија итн.. Сето ова влијае најпрвин бизнисите да ги вградат овие информации и очекувања во своите цени (да ги зголемат) и да ги прилагодат своите економски активности со цел да го заштитат својот интерес – профитот и преживување на бизнисот. Оттука потребно е што поскоро објавување на мерките за поддршка на бизнисите (голем дел од европските и соседните земји го направија ова претходниот месец) и објавување на конкретен план -календар за планираните мерки (нивно постепено воведување или предвидена можност за флексибилност/модификација според потребите) кои ќе бидат преземени, со јасно дефиниран рок на траење, јасно определен опфат на бизниси и граѓани и јасна процедура за користење. Посебно внимание е потребно околу надминување на предизвиците и процедурите за практично користење на мерките, кои често беа камен на сопнување во целосна и брза имплементација на определени мерки во минатото – потребно е едноставно и брзо.
Во однос на големината на поддршката за бизнисите треба да бидеме внимателни, имајќи предвид дека проценките во соседните земји укажуваат дека потребите/ефектите за бизнисите можат да се бројат во милијарди евра – оттука мораме мудро да ги пуштиме нозете колку што ни е долга чергата – односно да таргетираме онаму каде е најпотребно. Во контекст на структурата и видовите на мерки, покрај најавените дополнително може да се разгледа потенцијалот за имплементација на мерки како што се: определени дополнителни даночни олеснувања поврзани со енергенсите кои ги користат компаниите (за набавка на електрична енергија итн.), поддршка на компаниите во случај на доцнење со плаќањето на даноците, другите јавни давачки како и премостување на заеми со државна гаранција, субвенции за инвестиции и намалување на енергетска зависност (за користење на обновливи извори на енергија), поддршка директна на компании кои имаа енормно зголемени сметки за електрична енергија (енергетски интензивни сектори), надоместување на разликите во цените за електрична енергија на определен ценовен раст. Меѓутоа има и мерки на другата страна како што се мерките за дополнително оданочување за компаниите кои во периодот на криза бележат значајни и изразити зголемувања на профитите.
Мерките за справување со енергетската криза се проценети на 360 милиони евра. Од 19 најавени, нови се едвај пет и тие се наменети за одредена категорија граѓани, како и постоечките за субвенционирана цена на струјата, замрзнување на трговски маржи..Дали сметате дека ова е вистинскиот начин да се помогне ?
-Таргетираните износи за најранливите категории доминираат во скоро сите пакети кои ги превземаат економиите во Европа и ширум светот (се разбира варираат од финансиската моќ на земјите). Ова е резултат на ограничените фискални ресурси/заострените глобални финансиски услови и потребата да се помогне онаму каде што е најнеопходно. Најчесто или таргетирано се даваат финансиски средства или таргетирано се прават ослободувања од давачки и субвенционирање на граѓаните. Кај нас таргетираните/директните мерки за социјално ранливите (8,2 мил евра) и пензионерите (12,2 мил. Евра) , за кои е прецизно наведен фискалниот ефект изнесуваат околу 20,4 мил., или само 5,6% од вкупната поддршка која е предвидена. Имајќи го предвид големината на пакетот и значајното зголемување на трошоците во минималната синдикална потрошувачка кошничка неопходна за преживување, која уште во јули 2022 изнесува 40,554 ден. (а само за храна и домување се потребни околу 30.000 ден.) овие износи иако се позитивен сигнал, се уште се доста скромни за да го надоместат енергетскиот/економскиот удар на најранливите категории ранливите категории и примателите на најниски пензии. Се разбира треба да се утврди вкупната поддршка од сите извори кои ја користат овие граѓани, меѓутоа е неопходно да се најде фискален простор за нивна дополнителна поддршка. Искуствата покажаа дека мерките за поддршка кои прават обид на подолг рок да го ограничат (замрзнат) пазарот/цените, или да го контролираат даваат обично само краткорочни, често слаби резултати и акумулираниот притисок врз цените со извесно закаснување уште повеќе ескалира во иднина. Причините делумно се во природата на мерките, а дел во скромниот институционален капацитет (инспекциски служби, дигитални алатки, ажурни институции и администрација), со кој располагаме за да контролираме пазарни сегменти – маржи, цени, понуда и побарувачка итн. Во овој период се важни и мерките/кампањите за формализација на дел од неформално вработените или нивно влегување во системот на јавна социјална заштита – затоа што податоците покажуваат дека значаен број на луѓе се уште останува на маргините на општеството и функционираат во неформалниот сектор без соодветна поддршка и заштита во ова специфично економско -социјално окружување (дел од мерките за време на пандемија за оваа категорија граѓани останаа неискористени поради специфичниот начин за нивно таргетирање). Дополнително може да се размислува и за дополнителни мерките кои може да се преземат, се разбира и комбинираат согласно нашите фискални можности – дополнителни енергетски ваучери за пензионери и лица со минимални примања, таргетирани субвенционирање (намалување) на сметки за електрична енергија за најпогодени граѓани, таргетирани даночни ослободувања (доход, ДДВ и др.) за оние со најниски приходи – една интересна мерка која ни ја овозможува денешната технологија е на пример мерката со која скенирањето на фискалните сметки и повратот на ДДВ за најпогодените граѓани (пензионери, приматели на минимална плата) ќе биде значајно повисок/или целосен додека за оние со повисоки примања може во моментот повратот на ДДВ да биде замрзнат, дополнително може да се засили повратот за македонски производи итн. Овие мерки се разбира треба да бидат придружени со структурни промени и активности ( директни мерки за поттикнување и субвенционирање), како и активности за поттикнување на штедењето и зголемување на домашното производство на храна и енергија.
Најспорна се чини дека е мерката за намалување на расходите а која меѓу другото, ги опфаќа платите на вработените. Сето ова доаѓа во време кога се очекуваше зголемување на платите на вработените согласно растечката инфлација.Дали и колку ваквите решенија можат да ја забават галопирачката инфлција?
-Обезбедување на средства за поддршка на бизнисите и граѓаните во овој момент, како и нормално обезбедување на јавните услуги е можно преку неколку канали – намалување на расходите, зголемување на ефикасноста во јавното трошење (односно со помалку јавни пари да се направи повеќе), намалување на сивата економија , зголемување на даноците/проширување на даночната база и задолжување. Треба да се практикуваат сите овие канали за шокот на определени субјекти/сегменти да не биде пресилен во краток период – меѓутоа едно од најбрзите решенија на страната на расходите е кратење (или замрзнување на определен период) на определени расходи, имајќи предвид дека за зголемување на ефикасноста во трошењето или намалување на сивата економија реално ќе биде потребен подолг период.
Оттука што е ново во дизајнирање на овој пакет од мерки е дека конечно пакетите кои се предлагаат се придружени со извесни мерки насоки и политики за намалување на расходите, штедење и зголемување на ефикасноста. Односно се наметнуваат определени насоки за буџетските корисници за намалување/рационализација на нивните расходи за плати/надоместоци, стоки и услуги, субвенции, дотации, социјални бенефиции итн. Ова е добро со цел да почне да се размислува посилно дека ништо не е бесплатно – односно секоја поддршка и политика некоја мора од некаде да ја плати или да ја скрати. Се разбира ваквите политики за штедење треба да бидат подобро и процедурално поставени со цел заштита на определени трошоци во секоја од ставките кои треба да се рационализираат – на пример во ставката стоки и услуги се содржани трошоците за одржување што се исклучително важни во вакви периоди и нивното намалување може да има среднорочни последици – меѓутоа сепак е добро што има почеток – за која отпосле ќе утврдиме во колкав дел ќе биде реализиран.
Во делот за намалување на расходите за плати и надоместоци – каде не е наведено колку и кои плати ќе треба да се намалат се разбира исто така треба да се биде внимателен. Во ваква специфична криза, директни мерки поврзани со намалување на плати/ работа од дома/ротација дополнително можат да влијаат на чувствителноста на граѓаните/ вработените во јавниот сектор во услови кога нивните семејни буџети се значајно нагризени, а исто така можат дополнително да влијаат и на така скромниот квалитет на услуги кои ги испорачува јавниот сектор. Кај нас проблем не преставува висината на платите во јавниот сектор -проблем преставува тоа што се добиваат јавни услуги кои се поскромни и од скромните плати што се исплаќаат во јавниот сектор. Решенијата во ваквите кризи состојби треба да се бараат во посуштински/пошироки структурни приспособувања на буџетите на јавните институции – намалување на износите на договорни услуги, намалување на привремените вработувања, преструктурирање/намалување на администрацијата, генерална рационализација и спојување на цели институции, агенции, регулаторни тела. Ваквите кризно окружување е можност јасно да се постават стандарди за испорачаните јавни услуги и оптималните ресурси ( човечки и финансиски) кои треба да се користат – да се постават соодветна стимулација или санкционирање на јавните институции кои нема да го исполнат планираното.
К.В.С.