И во канонизацијата на Пејчиновиќ, бугарските историчари гледаат политика

од Берта Китинска
151 прегледи

И во канонизацијата на Кирил Пејчиновиќ, бугарските историчари гледаат политика.

Бугарскиот професор Пламен Павлов од униерзитетот во Велико Трново смета дека чинот на канонизација за светител на Кирил Лешочки од страна на Македонската православна црка е богохулење, крадење на историјата, апсолутно кршење на билатералниот протокол меѓу Бугарија и Македонија и невидена злоупотреба на историјата.

Во интервју за БГНЕС професорот Павлов вели дека овој чин е дел од „антибугарската реторика во Република Северна Македонија“.

„Македонската православна црква долго време размислува за канонизација на Пејчиновиќ. Тоа не е невообичаено. Република Северна Македонија на ист начин ги третира Гоце Делчев, Даме Груев, Цар Самуил и цела плеада наши заеднички народни херои. Во случајот со Кирил Пејчиновиќ, а и со Јоаким Крчовски, кого исто така се подготвуваат да го канонизираат, со овие наши рани преродбеници се случува токму истото непочитување на историјата. Овие луѓе имаат бугарска самосвест – Кирил Пејчиновиќ вели дека „пишува на својот љубезен и наједноставен бугарски јазик“ – секаде се појавува како Бугарин, а би било смешно да се тврди нешто друго“, вели Павлов и додава дека очекува да има реакција и од БПЦ и од бугарската интелигенција.

„Вината на нашата Црква е огромна. БПЦ е повикана од мене и од други луѓе да ги канонизира таквите личности. За жал, браќата Миладинови ќе бидат прогласени за светци од Македонската црква – се надевам дека сум лош пророк, но немојте да се чудите, ако и двајцата браќа – маченици се прогласени за светци во Северна Македонија. Очигледно, нема никакви пречки во овој богохулен, грд однос кон нашата историја“, коментира Павлов.

Според него, ова е спротивно на потпишаниот договор меѓу двете земји.

„Ова е и кршење на Договорот за добрососедство и пријателство – без разлика на сите лицемерни уверувања од Скопје и на нивните обврски кон ЕУ. Гледаме како оваа антибугарска реторика по падот на ветото на Бугарија врз РСМ наместо да слабее, почнува да се засилува“, вели Павлов.
За Пејчиновиќ деновиве е интервенирано и на англиската верзија на Википедија, со назнаки дека е бугарски преродбеник.

Додека во Македонија се прогласува за светец, на Википедија статија дека тој Бугарин. Во неговата биографија, на интернет енциклопедијата, доколку изберете бугарски јазик, ќе прочитате дека Пејчиновиќ е бугарски книжевник и просветител, дека го бранел „македонскиот“ идентитет, говорејќи на новобугарски јазик во склоп на неговата татковина Бугарија. Измена е направена и на англиската верзија верзија на интернет енциклопедијата.

Во бугарскиот провокаторски текст на Википедија, пишува и дека тој е основоположник на модерна Бугарија и се занимавал со промовирање на раната бугарска ренесанса. Ваквите поединечни ситни провокации, станаа секојдневие.