Во Македонија не постојат само СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Нашата коалиција е со граѓаните и од граѓаните за граѓаните, го креираме движењето да им служи на нив, а не да биде во функција на политичките субјекти кои што се веќе видена работа и воедно последните 3 денеции креираа црно бел свет во Македонија, вели во краток разговор за „Локално“ Максим Димитриевски, актуелен градоначалник на Куманово и лидер на новото граѓанско движење „За нашите граѓани“.
Во однос на тоа со кого ќе коалицира на следните избори, Димитриевски вели дека тоа многу зависи од изборниот модел, кои и какви коалиции ќе настапат на парламентарните избори и какви резултати ќе постигнат на истите за евентуално постизборно коалицирање.
– Ние на изборите ќе настапиме со сопствена програма и проекти, со државна стратегија и ќе извојуваме убедлива победа. Наш основен приоритет и услов за било каква пост изборна коалиција е прифаќање на нашата програма, која ќе стане дел од програмата на идната влада. Нашата цел е да ја движиме државата напред, да ги направиме потребните реформи, да понудиме кадровски решенија од теорија и пракса кои се докажани во својата професија, и да останаме на патот на Европската Унија и безбедносно под чадорот на НАТО, вели тој.
Посочува дека движењето не е политичко, туку граѓанско, но дека ќе има свои политики, кои ќе се засноваат на неколку постулати: државотворност, национални интереси, чесност, нулта точка за корупција, транспарентност, реформи, професионалност, функционирање на систем, соживот и повисоки стандарди за граѓаните.
– Нашата основна девиза во сите области ќе биде: ВЕТЕНО – ИСПОЛНЕТО бидејќи дадениот ЗБОР навистина треба да биде ЗБОР со што ќе ја вратиме довербата на граѓаните, во тие што ги избираат да раководат со државата во нивно име. Во нашата програма со која ќе настапиме на следните парламентарни избори, ќе има реално исполниви проекти, а не предизборни ПР памфлети.
Кај граѓаните постои замор и заситеност, практично од сите политички субјекти кои во изминативе 30 тина години самостојност и независност на Македонија, наизменично се менуваа на власт, но граѓаните големо фајде од тоа не видоа. Затоа сметам дека едно ново граѓанско здружение е вистинска новина и освежување на политичката сцена, истакнува тој.
Во овој момент, потсетува Димитриевски, постојат иницијативи на граѓаните од голем број општини во Македонија за формирање на локални здруженија на граѓани, по примерот на граѓанското здружение „За Наше Куманово“.
– Она што радува, е дека кај граѓаните постои силна мотивација, енергија, идеи и решителност за вклучување во вакви движења. До сега, неколку пати имам кажано, дека оваа иницијатива не е моја, туку потекнува изворно од граѓаните на секоја општина во државата поодделно, и ќе биде „од граѓаните за граѓаните“. Очекувам пред парламентарните избори, сите овие општински, локални граѓански здруженија да се обединат во едно РЕПУБЛИЧКО ГРАЃАНСКО ДВИЖЕЊЕ и така да настапиме на изборите. Потенцирам дека во овие локални здруженија се приклучуваат голем број на индивидуи од разни професии, од различна политичка провиненција, но и граѓани кои не се партиски определени, граѓани од различна етничка, верска и национална припадност. Сите здруженија заедно ќе одлучат како ќе се вика движењето на национално ниво, вели поранешниот член на СДСМ.
На прашањето каква алтернатива нуди наспроти најголемите македонски политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Димитриевски вели дека ја нудат „нивната алтернатива, и алтернативата на граѓаните“, но во исто време и нивна цел е да победат на следните парламентарни избори.
– Силно ќе се разликуваме од актуелните партии присутни на политичката сцена. Ќе понудиме решенија и проекти во сите сфери и области, капитални инвестиции, рамномерно распределени во сите региони на државата. Сведоци сме дека кај сите партии е замрена и не постои идеологија, без разлика дали е тоа лево или десно. Јас по убедување сум социјалдемократ, со изразени леви политики, но ние ќе се позиционираме кон центарот, со голем акцент на државните и националните интереси, обединување на македонскиот народ и креирање на реални добри меѓуетнички односи на граѓанска основа, истакнува Димитриевски.
Политичките столбови на новото граѓанско движење, вели, ќе бидат „Илинден и АСНОМ, правда еднаква за сите, социјална држава, цврста и стабилна економија, висок стандард на граѓаните и граѓанска сигурност во сопствената држава“.
– Затоа, симболично со формирање на вакви граѓански здруженија започнавме од Куманово и Прилеп, каде што историски гледано е започнат револуционерниот отпор против фашистичкиот окупатор. Следи формирање на здружение во Крушево, град во којшто преку Илинденското Востание е формирана првата слободна македонска држава. Државата ни е пред банкрот, граѓаните се на работ на егзистенцијата, корупцијата е на високо ниво, судскиот систем не функционира, со еден збор државата е пред колапс. Учеството на едно вакво граѓанско движење на парламентарните избори и победата на истите е можеби последната шанса за спас на Македонија и граѓаните, дециден е градоначалникот на Куманово.
На мислење е дека „мора да се врати довербата во државниот систем и неопходно е да се воспостави општество во коешто сите ќе имаат еднакви права и можности“.
– Без разлика дали сте член или не сте член на некоја политичка партија вашите права мора да бидат поеднакво гарантирани од државата, не само со правни акти туку и во пракса бидејќи денеска не е така, вели тој.
На прашањето како гледа на заложбите на централната власт во однос на локалната, и дали се децентрализира власта, смета дека во Македонија децентрализација е на најниско можно ниво во регионот и со вакво ниво на финансиска децентрализација општините директно зависат од државата и немаат можност да се развиваат соодветно и по потребите на граѓаните да ги решаваат големите комунални проблеми.
– Самиот факт дека секојдневно гледате министри кои што се фалат со реализација на локални проекти ќе сфатите дека всушност државата е целосно централизирана и никој не сака стратешки и прагматично да го реши овој проблем туку екстремно популистички продолжува со ваквата лоша пракса која што не овозможува соодветен развој на локалните самоуправи. Овој мој став го темелам на моето долгогодишно искуство во локалната власт како советник, а во последните 5 години и како градоначалник на најголемата општина во Македонија, општина Куманово. Подолг период се залагам за вистинска децентрализација, односно давачките кои ги уплаќаат граѓаните во државниот буџет, значително да бидат вратени во локалните буџети и наменети за реализација на капитални инвестиции и решавање на комунални проблеми на општините. Би сакал да напоменам дека ние како локална самоуправа даваме се од себе да ги решиме основните проблеми на граѓаните со кои се соочуваат, изјави Димитриевски за „Локално“.
Се пожали и дека нивните ресурси се ограничени и дека во општина Куманово има голем број на рурални средини кои се уште немаат ниту канализациона ниту водоводна инсталација.
– Во 21-ви век, ваков податок е засрамувачки. Тоа се проекти за кои е потребно да се издвојат голем број на финансиски средства, но општината тој капацитет за жал не го поседува. Кога граѓаните ми ја дадоа довербата за градоначалник, општина Куманово беше една од финансиски најзадолжените во државата. Со стратешко планирање, чесно и домаќинско работење, денес сите долгови на општина Куманово се вратени и во моментов сме една од финансиски најстабилните општини во државата, тврди лидерот на „За нашите граѓани“.
Јавните претпријатија, продолжува тој, влечат долгови од пред 15 и повеќе години и најголем дел се по основ на камати и тоа кон државата и државните јавни претпријатија и УЈП коишто реално нема можност да се вратат поради високите законски затезни камати.
-Се бришат ваквите долгови селективно но само на одредени општини коишто ја уживаат политичката наклонетост на власта. Не може државата за едни да биде мајка, а за други маќеа т.е. за некои јавни претпријатија во одредени општини долговите да бидат отпишани, а за други не. Ќе ми дозволите да ја земеме како пример актуелната енергетска криза. Сметките за електрична енергија, во јавните претпријатија, училишта, градинки и јавни установи се зголемени повеќекратно и до 8 пати од претходно и предвидените финансиски средства во нивните буџети за цела година практично се истрошени за 3-4 месеци. Тоа претставува огромен удар и финансиски товар за јавните претпријатија, кои се наоѓаат во исклучително тешка состојба. Кога имаме ваква ситуација, имаме две опции: Или да се зголемат комуналните трошоци на товар на граѓаните, или државата да помогне. Имајќи ја во предвид егзистенцијалната состојба кај граѓаните, ваков потег дополнително би ги оптеретил домашните буџети. Јас како градоначалник, тоа нема да го дозволам. Или пак, да ги земеме како пример сметките за електрична енергија во основните и средните училишта. Дотациите од државата доаѓаат редовно, но тие се недоволни за плаќање на постоечките сметки, додава Димитриевски во однос на децентрализацијата.
В.З.