Збирка со воени говори на украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе биде објавена на 6 декември, а воведот во збирката го напишал самиот Зеленски.
Краун, оддел на издавачката куќа „Penguin Random House“, објави дека книгата ќе се вика „Порака од Украина“ и ќе содржи предговор на Аркадиј Островски, уредник на Економист за Русија и Источна Европа, пишува АП.
„Поддршката за Украина не е тренд, меме или вирален предизвик. Поддршката за Украина не е сила која брзо се рашири низ планетата, а потоа брзо исчезна. Ако сакате да разберете кои сме, од каде сме, што сакаме и каде одиме, треба да дознаете повеќе за тоа кои се Украинците. Оваа книга ќе ви помогне во тоа“, рекол Зеленски во изјавата објавена од Краун, пренесува хрватски „Индекс“.
Приходите од продажбата на книгата ќе бидат наменети за иницијативата „United24“ покрената од Зеленски за координирање на донациите за Украина. Зеленски рече дека избрал 16 говори за кои се надева дека ќе им помогнат на читателите да ги разберат Украинците, нивните аспирации, принципи и вредности.