Новата бугарска влада – која и да е, и ако воопшто се состави во фрагментираниот седумпартиски парламент, ќе го продолжи досегашниот надворешнополитички курс кон Република Северна Македонија, вели во изјава за „Локално“, Александар Марков, новинар на Бугарската национална телевизија (БНТ).
– Интеграцијата на Скопје во ЕУ е од стратешко значење за Софија, но овој процес мора да оди паралелно со „враќање на довербата“ и строго спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство од 2017 година. Напредокот на Скопје кон Брисел е целосно во рацете на самото Скопје. Како? Преку напредок во работата на Заедничката историска комисија, санкционирање и елиминирање на јазикот на омраза, гарантирање на правата на луѓето со бугарска самосвест, општи прослави на личности и настани од нашата заедничка историја. Со напредокот во овие области, како што е наведено во Протоколот од 2022 година, патот напред е видлив, изјави Марков за „Локално“.
НАПРЕДОКОТ НА СКОПЈЕ ЗАВИСИ ОД СКОПЈЕ
Според него, зад оваа надворешна политичка стратегија постои широк јавен консензус меѓу бугарското општество и во оваа смисла програмска, експертска или партиска влада ќе се придржува до оваа формулација.
– Во Бугарија е јасно дека напредокот на Скопје зависи од Скопје, од темпото и желбата со која ќе се спроведат постигнатите договори. Новата формација „Бугарски подем“ на Стефан Јанев покажува желба за широк дијалог, континуитет и максимална отвореност за формирање коалиција и во оваа смисла тешко може да се претпостави дека тој ќе преземе радикални промени во однос на Република Северна Македонија. Каков кабинет и да има, според повеќето експерти, неговиот животен век ќе биде краток – од 4 до 6 месеци, плус или минус, се разбира. Бугарија се соочува со висока инфлација, треба да се донесе буџетот за годинава, да се донесат законите за Планот за закрепнување за земјата да добие 2,6 милијарди евра од Европската Комисија и тоа се прашањата кои доминираат на агендата, потенцира Марков.
Вандалските чинови, како што ги нарече тој, врз бугарските културни друштва во Македонија „само го зајакнуваат јавниот консензус дека нашите соседи имаат долг пат да одат кон ЕУ“.
КОЈ ЌЕ ЈА ФОРМИРА НОВАТА ВЛАДА ВО БУГАРИЈА?
Бугарија тешко дека ќе добие стабилна влада и по четвртите парламентарни избори кои се одржуваат во последните година и половина. Победник на изборите е Бојко Борисов и неговата коалиција ГЕРБ-СДС.
Коалицијата ГЕРБ-СДС е прва политичка сила со 23,5 отсто од гласовите. Потоа следуваат „Продолжуваме со промените“ со 19,5 и ДПС со 15,2 проценти. Популистичката „Взраждане“ е четврта со 10 отсто од гласовите, а потоа следат БСП со 8,9, „Демократска Бугарија“ со 7 и „Бугарски подем“ со 4,7 проценти од гласовите.
ШТО ЗНАЧАТ ОВИЕ РЕЗУЛТАТИ?
За формирање на Влада во Бугарија потребно е мнозинство од 121 пратеник, со оглед на тоа што во Народното собрание има вкупно 240 пратеници. Како потенцијални владини коалиции се споменуваат „Промените продолжуваат“ на Кирил Петков заедно со БСП и „Демократска Бугарија од една страна, и ГЕРБ-СДС на Бојко Борисов заедно со ДПС и популистичката Взраждане.
Вака поставени работите Бојко Борисов би требало да ја формира новата бугарска влада, бидејќи во таков состав би имал 123 пратеници, доволно со тенко мнозинство во Народното собрание. Но, ваква влада е повеќе математички можна, отколку политички, особено поради имиџот на ДПС. Петков не би можел да ја формира новата влада бидејќи неговата коалиција би имала само 97 пратеници, кои не се доволни за мнозинство во парламентот.
Меѓутоа, бугарските медиуми веќе споменуваат и нова коалиција која би можела да се појави по ваквите резултати на изборите. Широка коалиција на двете најголеми партии во Бугарија, ГЕРБ-СДС на Борисов, заедно со „Промените продолжуваат“ на Кирил Петков и „Демократска Бугарија. Оваа коалиција би имала 130 мандати. Петков изјавуваше дека не би коалицирал со ГЕРБ додека на нејзино чело е Борисов.
Дека резултатите ќе бидат такви што формирањето на стабилна влада ќе биде исклучително тешко, предупредуваше и бугарската експертска јавност. По се изгледа, ниту идниот бугарски парламент нема да има мандат од четири години.
Минатата година во Бугарија беа одржани три последователни изборни циклуси. Дури во последниот обид беше направена влада предводена од новиот политички субјект Продолжуваме со промените, во која клучна улога имаше двоецот Кирил Петков – Асен Василев. Нивната коалција, во која партиципираа и БСП, Демократска Бугарија и Има таков народ траеше нешто повеќе од шест месеци. Кабинетот на Петков беше избран на 13 декември минатата година, а недоверба на неговата влада и беше изгласана на 22 јуни оваа година.
Д.Ј.