Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ изјави дека е против идејата за обука на украински војници во Хрватска. Милановиќ присуствуваше на свечената инаугурација на ректорот на Универзитетот во Загреб, Стјепан Лакушиќ.
– Не ја поддржувам таа идеја затоа што не го поддржувам вмешувањето на Хрватска во оваа војна повеќе отколку што треба. Ние сме коректни, обединети сме и тоа е тоа. Не подалеку од тоа. Јас како врховен командант нема да го одобрам тоа. Не сум слушнал за предлогот, но однапред кажувам дека не ми се допаѓа, тоа ѝ носи војна на Хрватска – изјави Милановиќ, пренесува N1 Хрватска.
Тој навел дека однапред кажува дека такво нешто не треба да се прави.
– А за се што имаме намера да донираме, немам никакво влијание на тоа. Тоа се материјални средства, тоа го одредува владата. Тоа го поддржувам само ако многу јасно добиеме средства за замена. Не можам да поддржам одземање на крвотокот на хрватската одбрана. Хрватската одбрана е на прво место, потоа долго ништо, па НАТО и потоа другите – додаде тој.