Утре нема да сообраќаат автобусите на ЈСП

од Nikola Popovski
164 прегледи

На денешната вонредна седница на Советот на град Скопје беше усвоен заклучок со кој се задолжува градоначалничката Данела Арсовска со надлежните сектори најдоцна до петок 21-ви октомври до 12 часот, да достави одлука до Советот на градот за прераспределба на средства за ЈСП Скопје, како би се овозможило непречено работење на претпријатието.

За заклучокот гласаа 24 советници, без ниту еден против или воздржан.

Од синдикатите вечерва за МИА изјавија дека градоначалничката Арсовска ќе мора да ја донесе одлуката уште утре, затоа што ако остане за петок, тогаш прераспределбата најрано би се извршила по продолжениот викенд што, според нив, е многу доцна.

Од таму најавија дека за жал, утре скопјани ќе останат без јавен превоз.

-Овие луѓе имаат деца, гладни се, немаат пари да им дадат за ужинка на училиште. Овде не видовме никој да каже како ќе се реши проблемот и ќе добиеме плата туку нивни партиски и политички препукувања. Им се извинуваме на граѓаните, но ова мораше да се случи за еднаш засекогаш да го решиме проблемот со редовни плати во ЈСП, изјави Миќо Стојановски, претседателот на синдикатот на ЈСП.

Претседателот на Советот на градот Трајко Славески најави дека доколку добијат предлог-одлука за прераспределба на средства за помош на ЈСП и пред крајниот рок, ќе бидат известени сите советници за нова вонредна седница уште во текот на утрешниот ден.

Скопје утрово беше во колапс, поради повлекување на сите автобуси на ЈСП на почетните позиции поради лажна дојава за бомба.

Известувањето беше испратено во текот на ноќта на официјалниот мејл на ЈСП Скопје, па на сите автобуси им беше наредено да се повлечат од сообраќај. МВР го приведе сторителот.

Слични содржини