Маричиќ: Поглавјето 20 е патоказ за поконкурентна економија, преговорите со ЕУ се важни за развојот на македонските бизниси

од Берта Китинска
105 прегледи

Денеска во Брисел се одржува објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавјето 20, „Претпријатија и индустриска политика”, на кој вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ рече дека имаме високо ниво на усогласеност во оваа област и дека Владата е посветена на создавање поволна и атрактивна бизнис клима за инвестиции и водење бизнис, преку развивање стратешки рамки.

– Ова поглавје е патоказ за поконкурентна економија и воведува нови европски стандарди во развојот на малите и средни претпријатија, како и во индустриската политика на земјата. Процесот на преговори значи и подготвка за поврзување со големите меѓународни компании и подобар пристап до изворите на финансирање, што несомнено е од интерес на македонските компании, рече главниот преговарач со ЕУ, Маричиќ.

Маричиќ истакна дека Директивата на ЕУ за борба против задоцнето плаќање, е поврзана со многу стратешки документи кои овозможуваат поволна деловна клима и принципи за економски развој и економски раст, инструменти за поддршка на конкурентноста, растот, иновациите, интернационализацијата и секторските политики, потенцирајќи дека Владата е посветена на создавање поволна и атрактивна бизнис клима за инвестиции и водење бизнис, преку развивање на стратешки рамки во оваа област.

– Ја усвоивме и Националната стратегија за мали и средни претпријатија 2018-2023 година, а важно е да се спомене и дека сме во процес на развој на Стратегијата за паметна односно смарт специјализација, како нова стратегија за иновации и конкурентност. Овој документ е развиен во тесна соработка, следејќи ја методологијата на Заедничкиот истражувачки центар., а очекуваме да биде финализиран до крајот на оваа година, најави Маричиќ.

Како главниот стратешки документ, Маричиќ се осврна и на Индустриската стратегија на Република Северна Македонија 2018-2027 година, која ги интегрира мерките од Планот за економски раст и се фокусира на развојот на преработувачката индустрија.

На скрининг состанокот беше посочено дека изминатите години Северна Македонија работела на транспонирање на соодветната ЕУ легислатива во македонското национално законодавство и дека е постигнато високо ниво на усогласеност, а во тој контекст вицепремиерот Маричиќ рече дека Законот за изменување и дополнување на Законот за финансиска дисциплина, дополнително усогласен со Директивата за задоцнето плаќање (2011/7/ЕУ), веќе е усвоен од Владата и сега е во собраниска процедура.

Во однос на притисокот со кој се соочуваше Владата во изминатите години од КОВИД и енергетските и прехранбените кризи, Маричиќ посочи дека тоа силно влијаело врз компаниите и ја истакна важноста од усогласување на владините политики и инструменти за поддршка на компаниите во нивната работа, транзиција и раст.

– Во однос на одговорот на кризата со која се соочивме, како Влада на компаниите им понудивме сеопфатен пакет мерки за да им помогнеме во време на Ковид и развивме сет мерки за борба против притисокот од цените на енергијата, рече Маричиќ пред претставниците на Европската комисија.

По завршувањето на состанокот за Поглавјето 20, ќе се одржи и објаснувачкиот скрининг состанок за Поглавјето 29, „Царинска унија”.

Слични содржини