Професијата војник, подофицер или офицер во македонската Армија ја покажува љубовта кон татковината и решеноста секој да даде сопствен придонес во нејзиниот развој, безбедност и сигурност, кажа министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје во своето обраќање на промоцијата на новите потпоручници во Армијата и свечената заклетва на новата класа питомци на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“.
„Армијата на Република Северна Македонија е препознаена меѓу своите граѓани како институција која секогаш е подготвена да помогне и да одговори на сите предизвици, но истовремено и да даде свој придонес во одржување на мирот, безбедноста и стабилноста и надвор од границите на нашата држава“, истакна Петровска.
Упатувајќи честитки до новите офицери од кои девет се мажи, а девет жени, Петровска истакна дека од денес тие стануваат дел од организација чиј темел се стандардите, редот и дисциплината, организација во која работат искусни професионалци кои изминатите години дадоа несебичен придонес во развојот на Армијата, професионалци кои нè водеа на патот кон најголемиот воено-политички сојуз, НАТО – Алијансата.
„Благодарение на овие искусни луѓе се вршеа проценки и анализи, се изработуваа стратешки документи врз основ на кои се врши модернизацијата на Армијата. Се купува нова современа опрема и вооружување кои вам и на вашите колеги ќе ви бидат од големо значење за извршување на задачите. Но, една Армија не комплетна ако само се модернизира со опрема и вооружување. Вложувањето во секој еден од вас ја прави нашата Армија симбол на државноста“, потенцираше министерката.
Министерката Петровска осврнувајќи се на човечкиот капацитет кој е клучен за натамошен развој на одбраната, на новите 39 питомци кои денеска дадоа свечена заклетва, меѓу кои 31 се од Северна Македонија, шест се од Босна и Херцеговина и двајца од Црна Гора им порача дека на Воената академија ќе создадат тим на млади офицери кои ги поврзува нешто повеќе од униформата – почитта едни за други и ветувањето дека во иднина ќе направат се да ја гарантираат безбедноста и мирот во овој регион на кој сите припаѓаме.
„Со ентузијазам ве гледам како тим кој е подготвен да совладува секакви предизвици. Од денес секој од вас и се приклучува на Армијата. Внесувате нова енергија, прогресивни размислувања, но никогаш не заборавајте на влогот на поранешните и сегашни искусни припадници на Армијата. Кон нив гледајте со голема почит, затоа што тие се заслужни за ова што имаме денес“, рече министерката и додаде дека како министерка за одбрана нејзин приоритет е да обезбеди услови за нивна континуирана едукација и стручно усовршување.