Една од предностите на Северна Македонија е таа што македонскиот банкарски сектор е стабилен, поставен на добри фундаменти. Таа стабилност овозможува справување со сите евентуални шокови и истовремено дава солидна кредитна поддршка за закрепнувањето на економијата во услови на криза. Тој има доволен капацитет да ја задржи својата стабилност и да биде важна поддршка за домашната економија. И тоа постојано го докажува, вели во интервју за „Бизнис инфо“ Билал Суџубаши, главниот извршен директор на Халкбанк АД Скопје во интервју за „Бизнис инфо“.
Банкарскиот сектор во изминатите години помина низ две поголеми кризи, светската финансиска криза во 2008 година и здравствената криза предизвикана од Ковид19, истакнува првиот човек на Халкбанк во интервјуто.
-При здравствената криза овој сектор даде силна поддршка и на државата за да може да се справи со последиците од кризата, но и на граѓаните и на стопанството. Истовремено и граѓаните и стопанството ја задржаа својата доверба во банките што најдобро се огледа во растот на депозитите. А својата стабилност ја покажува и сега во услови на кризата предизвикана од Руско-Украинскиот конфликт, додава тој.
Според Суџубаши, за земјава е значајно и тоа што постојано успешно се одржува стабилноста на денарот, што се должи пак на соодветното ниво на девизните резерви, кои, на пример, според објавените податоци, во споредба со глобалната финансиска криза од 2008 ‒ 2009 година се двојно повисоки, а повисоки се и во однос на претпандемискиот период.
-И секако се должи и на капацитетите на централната банка за успешно бранење на курсот на денарот, смета главниот извршен директор на Халкбанк.